Премиерот Зоран Заев информираше дека испратиле категорични барања до социјалната мрежа „Телеграм“ да ја избрише групата „Јавна соба“ и немале да престанат да инсистираат на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување.
„Доколку апликацијата „Телеграм“ не го затвори каналот “Јавна соба“, каде се споделува порнографска и приватна содржина од наши граѓани, како и детска порнографија, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Северна Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело.
Нам како Влада ни на крај памет не ни паѓа да цензурираме комуникација, но ова е нешто друго и мораме да си ги заштитиме своите граѓани.
Денес ова се случува на „Телеграм“, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела.
Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за „Телеграм“ и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат.
Сакам да упатам порака и до сите наши граѓани кои споделуваат слики и содржина на таа група во сопственост на други сограѓани, во истиов момент да престанете да го правите тоа и да излезете од таа група.
На крајот на денот ќе ги добиеме податоците, ќе бидете обвинети и ќе одговарате за тоа што го правите,“ напиша Заев на „Фејсбук“.
Тој им порача на жртвите на ова насилство дека ќе се преземат сите неопходни чекори да ве заштитиме и да ги казниме сторителите на овие грозни дела.
„Упатувам поддршка и до сите што покажаа солидарност и осуда за ваквите појави. Така го правиме нашето општество посензибилизирано за овие појави кои мора секогаш да бидат обесхрабрени и осуетени во нивните намери.
Заштитата на приватноста е дел од генетскиот запис на секој човек, и денес, кога се одбележува Денот на заштита на приватните податоци, уште еднаш се соочуваме со заканите од глобални размери и уште еднаш сме повикани сите ние силно да застанеме против оваа појава,“ додаде тој.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот „Јавна соба“
Психологот Ана Попризова понуди помош за жртвите на „Јавна соба“
„Ќе те уништам со оваа слика„: Сведоштво на уште една жртва на „Јавна соба“
Фото: Влада