Историјата е многу важна и за двете страни, но тоа мора да биде појдовна основа за градење на иднината. Како што беше постигнат договор за добрососедство и за пет историски лика, верувам дека ќе постигнеме договор и за Гоце Делчев. Само да не се обидува ниту една страна да си присвои нешто, изјави премиерот Зоран Заев во интервју на ТВ „Канал 5“.
Тој нагласи дека е важно е да се разграничи дека, ова е прашање на мешовитата Комисија, а не на политиката.
„Сакаме Комисијата како што ги реши и Свети Кирил и Методиј, и Свети Наум, и Климент Охридски и Цар Самоил во духот на таа заедничка историја, за заедничко славање, верувам дека ќе го најдат решението и за Гоце Делчев. Наше е да ги охрабриме,“ изјави Заев.
Тој додаде дека бугарскиот премиер Бојко Борисов е негов личен пријател и со сите договори во изминатите години само го јакнеле тоа пријателство.
„Договорот со Бугарија многу јасно предвидува градење на единство, на добрососедство и на пријателство. Договорот е двонасочна улица и двете страни имаат обврска. Нашиот исчекор беше прифаќањето на заедничка историја, исчекорот на Бугарија беше прифаќањето на двата народи и македонскиот и бугарскиот народ. Апсолутно, идентитетските прашања, ниту една европска земја, ниту влада, ниту политика треба да ги става под прашање. Тоа е прашање на самоидентификација,“ изјави Заев.
Тој посочи дека телефонски разговарале со Борисов за организацијата на Берлинскиот процес, но и за совладувањето на здравствено-економската криза предизвикана од Ковид-19 и унапредување на економската соработка.
Фото: Влада