Премиерот Зоран Заев, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, попладнево во Владата имаа работна средба заедно со своите тимови, во рамки на консултативните средби за владините приоритети, за преземањето одговорности и за одржувањето и надградувањето на владиното и парламентарно мнозинство.
На средбата, како што информираат од владината прес-служба, било потврдено дека исполнета е целта да се обезбедат стабилна влада и стабилно парламентарно мнозинство кои дејствуваат исклучиво во интерес на граѓаните и на државните интереси.
– Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евро-атлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на Владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската Унија, се вели во владиното соопштение по средбата.
Следните парламентарни избори, како што се наведува во соопштението, се очекува да бидат редовни и да се одржат во 2024 година, а дотогаш Владата ќе испорача економски резултати, брзи и квалитетни услуги кон граѓаните и успешно справување со пандемиската и со енергетската криза.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Влада