еМагазин
Image default
Бизнис

Земјоделците го блокираа центарот на Скопје, властите не гледаат причина за протест

Ненавремена исплата на субвенциите и нецелосно исполнување на барањата испорачани пред една година, се причините поради кои денеска Здружението на сточари „Агроцентар“ од Велес, поддржано од други земјоделски здруженија, организира протестен марш во Скопје.

Маршот почна околу 12:30 часот од „Мавровка“, по што со шест трактори напред и транспаренти насобраните се упатија до Владата. Освен сточари, на него присуствуваат и овоштари, лозари, тутунари.

Како што изјави за МИА претседателот на „Агроцентар“, Митко Јанков, протестот нема никаква политичка позадина и поради тоа, не треба да се злоупотребува за какви било политички или партиски цели.

-Протестот се одржува поради глувоста на Владата за сточарите и нема никаква политичка позадина. Од една страна, нашите барања искажани во декември лани се само делумно исполнети, а од друга, субвенциите не се исплаќаат навреме, туку повторно, пред избори. Доста ни е веќе од таква политика, независно кој е на власт, рече Јанков.

Одгледувачите на овци минатата година во декември на мирен протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, побараа 1.500 денари субвенција за грло овца, 1.000 денари за оставено женско јагне и 800 денари за предадени грла во кланинчен капацитет,

-Не може да се преговара цела година, а да нема резултат. И тогаш алармиравме дека јагнето ќе нема цена. Отидовме коректно со барања да ги покриеме загубите, а не да печалиме. Ни ветија ќе се разгледаат, но се оглушија. Се уште работиме со загуби. Производната цена на јагнето што ја пресмета Факултетот за земјоделски науки и храна беше 174 денари за килограм жива мера, но се откупуваше за 120 – 130 денари. И со плус обезбедените 400 денари субвенција не се достигнува производната цена. Значи, се уште сме во загуба, нагласи Јанков.

Тој тврди и дека некои сточари се уште ги немаат земено субвенциите за млекото од 2017 година. Воедно посочува дека некои членови на здружението добивале закани од Министерството за земјоделство.

-Нека престанат да вртат телефони вработени во Министерството и да ги заплашуваат земјоделците. Наредниот пат ќе излеземе со имиња на тие што се јавуваат, да знаат дека не им се плашиме, потенцира Јанков.

На протестот денеска, според него, учествуваат и членови на Регионалното здружение на лозари од Кавадарци, на Здруженито на овоштари од Ресен, оризари од Чешиново – Облешево, тутунари од Прилеп, сточари од Тетово и Гостивар, како и други индивидуални земјоделци.

Министерот за земјоделство Трајан Димковски вчера на прес-конференција рече дека не гледа причина и повод земјоделците да излезат на протест, но, сепак, оцени, тоа е нивно право.

– Цело време заедно со нив ги планиравме интервентните мерки и секогаш беа информирани кога точно може да ја очекуваат исплатата, истакна Димковски и ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад протестот.

МИА/фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Конечно позитивна вест: Бројот на невработени прв пат под границата од 200.000 лица

Редакција

Влегуваме во неизвесност која е катастрофална за бизнисот, вели Азески

Редакција

Бензините поевтинуваат за денар и половина и еден денар

Редакција