еМагазин
Image default
Интервју ТОП СТОРИИ

Зоран Пухач за „еМагазин“: Земјите во ЕУ не воведуваат забрани, туку квалитетно ја регулираат индустријата на игри на среќа

До денес, никој не утврдил какво било влијание на позицијата на објектите за игри на среќа во однос на образовните или други институции, вели во интервју за „еМагазин“, Зоран Пухач, Генерален секретар на Европската Организација за законодавство на игрите на среќа.

Според долгогодишните искуства на развиените земји, вклучувајќи ја и ЕУ, единствената ефективна заштита на малолетниците е целосна забрана за пристап до објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и високи казни за прекршителите, а Северна Македонија веќе има такво решение во својот Закон и го спроведува ефикасно, констатира Пухач.

Тој посочува дека постојат само неколку правни системи во светот кои прибегнале кон забрани и затворање на пазарот на игрите на среќа, но тоа многу брзо предизвикало бројни социјални негативни ефекти врз малолетниците и општеството и огромни финансиски загуби за државата.

Во контекст на барањето за повисоки даноци, вели дека ако биде усвоен предлогот за ограничување на растојанието на објектите во кои се приредуваат игрите на среќа на 500 метри од образовните институции, ќе биде целосно ирелевантно колку ќе бидат даноците – нема да има правни субјекти да ги плаќаат овие даноци, заклучува Пухач.

Вие во јуни на покана на Асоцијацијата на спортски обложувалници, бевте во Скопје и присуствувавте на Јавна расправа во Собранието по предлог-измени на Законот за игрите на среќа и забавните игри. Во меѓувреме, Законот не претрпе измени, но година и половина подоцна, Законот повторно се најде на дневен ред, и повторно се актуелизираше прашањето со растојанието од 500 метри на објектите во кои се приредуваат игрите на среќа од училиштата и високо – образовните институции. Во Вашето интервју дадено тогаш ексклузивно за „еМагазин“ бевте децидни дека ова е целосно погрешен пристап во регулирање на оваа индустрија. Каков е Вашиот став денес?

– Тука не е во прашање мојот став, туку фактите и искуството на европските земји, и тоа не може да се промени. Мојот став и денес е дека е длабоко погрешно да се одреди ограничување на растојанието на објектите во кои се организираат игрите на среќа од различни институции. Тоа едноставно нема позитивни ефекти, но има бројни негативни последици.

Дали сметате дека вакво законско решение може да превенира „заштита на младата популација од лоши и несоодветни навики за нивната возраст“, што се наведува како основен аргумент? Што говорат искуствата од земјите кои воведоа крајно рестриктивни закони за игрите на среќа и каде Вие ги гледате најголемите закани од Закон кој ја предвидува оваа измена?

– Тој аргумент е целосно неточен и не изненадува што промоторите на оваа идеја не се повикуваат на некои позитивни искуства или истражувања, бидејќи такво нешто не постои. Имено, од 2005 година и една од првите студии во светот за проблемите со обложување кај адолесцентно население (Gambling problem in adolescent populationѕ, February 2005, Canadian Centre on Substance Abuse) до денес, никој не утврдил какво било влијание на позицијата на објектите за игри на среќа во однос на образовните или другите институции.

Според долгогодишните искуства на развиените земји, вклучувајќи ја и ЕУ, единствената ефективна заштита на малолетниците е целосна забрана за пристап до објекти во кои се приредуваат игрите на среќа и високи казни за прекршителите, а Северна Македонија веќе има такво решение во својот Закон и го спроведува ефикасно.

Всушност, нема држава во Европската Унија што вовела крајно ограничувачки мерки, бидејќи одамна е утврдено дека регулативата дава многу подобри ефекти од каква било забрана. Постојат само неколку правни системи во светот кои прибегнаа кон забрани и затворање на пазарот на игрите на среќа, но тоа многу брзо предизвика бројни негативни ефекти.

Имено, забраната за организирање игри на среќа веднаш создаде црн пазар, кој е целосно надвор од каква било контрола. Не постои можност за забрана за учество во игрите на среќа на малолетници и нивното учество расте, позајмувањето пари за обложување е во пораст, како и прекршоци и кривични дела.

Кон овие директни социјални негативни ефекти врз малолетниците и општеството треба да се додадат и финансиските – загуба на приходите на државата и општеството по неколку основи – загуба по основ на повеќе видови даноци (на игри на среќа, на добивка на компанијата, на плати), губење на работа, закуп на локали итн.

За да се утврди ефектот од можното усвојување на ограничување од 500 метри на пазарот на игрите на среќа во Северна Македонија, доволно е да се погледне географска карта – ова би довело до целосно затворање на пазарот.

Имено, во Северна Македонија има голем број мали населби, со мрежа на образовни институции, како и неколку градови кои се добро покриени со училишта и воведувањето растојание од 500 метри би било можно на многу мал број на локации и тоа надвор од населените места, што е економски целосно непрофитабилна со оглед на структурата на игрите на пазарот (слаб пазар и многу мали влогови на играчи).

Ние сме земја со европски аспирации, па одтука приредувачите на игри на среќа постојано апелираат на закон по европски терк. Дали европското законавдство препознава вакви ограничувања? Како е регулирана индустријата во современите европски земји и што се прави по однос на заштитата на малолетниците?

– Многу ми е жал што никој од креаторите на предлогот за далечина не најде барем малку време да го провери искуството и практиката на земјите од Европската Унија. Во неколку наврати и во различни прилики, нагласив дека Северна Македонија веќе има добри законски решенија за заштита на малолетниците од можни негативни влијанија на игрите на среќа. Стандардот на ЕУ за заштита на малолетници е забрана за нивно учество во игри на среќа, високи казни за прекршителите и ограничувања на начинот и местото на рекламирање.

Индустријата постојано реагира дека кај нас се носат измени и законски решенија без консултации со оние кои се најзагнати, т.е оние кои треба истото да го имплементираат. Какви се европските искуства?

– Јавната дискусија и дискусијата за правните предлози со сите засегнати страни не е само добра практика и силна препорака на Европската унија за сите што имаат намера да станат нејзини членки, туку и основа на вистинска демократија, чесен однос на власта и народот, но и начин да се постигнат најдобри законски решенија, за добробит на целото општество.

Во најавата за измените на законот се предвидени и повисоки даноци, со цел зголемување на средствата во буџетот. Од индустријата велат дека сме земја во која се плаќаат највисоки даноци. Какво е оданочувањето на игрите на среќа во Европа?

– Како прво, морам да бидам брутално искрен – ако биде усвоен предлогот да се воведе ограничување на растојанието на објектите во кои се приредуваат игрите на среќа од образовните институции, мислам дека ќе биде целосно ирелевантно колку ќе бидат даноците – нема да има правни субјекти да ги плаќаат овие даноци (или ќе има само неколку).

Утврдувањето на начинот на оданочување и даночните стапки е секогаш и секаде многу чувствително прашање и бара, пред сè, одлично познавање на областа за оданочување. На пример, Обединетото Кралство, кое има еден од најдобрите Закони за игри на среќа и чии компании се најголеми во светот, постигна одлична регулација со спроведување на три независни студии на крајот на минатиот и почетокот на овој век кои разгледуваат различни опции на оданочување и нивните импликации врз пазарот, буџетот и компаниите.

Во таа смисла, секој пазар е специфичен (големина, вкупна вредност, економска состојба, преференции и навики на играчите..), како резултат на тоа, даночните стапки не можат да бидат „препишани“ и не е можно да се даде единствен одговор. Постојат некои повеќе или помалку точни индикатори кои покажуваат дали постигнатото ниво на оданочување е веќе на максимум и дали даночната политика е добро дефинирана.

Имено, ако даночните приходи се стабилни или малку растат, а бројот на оданочени субјекти (компании) стагнира или расте многу малку, многу е веројатно дека е достигнат максимумот во даночната стапка и дека секое зголемување би довело до т.н. затајување данок или намалување на даночните приходи, односно до задушување и намалување на економската активност.

Дали и колку често се менуваат европските закони во оваа индустрија? Како вие гледате на променливата регулатива која оди една во друга крајност, што значи тоа за одржливоста на бизнисот, за инвестициите кои компаниите ги прават, па на крајот и за државата?

– Секоја сериозна држава се труди што помалку и што поретко да го менува законодавниот амбиент, бидејќи тоа директно влијае на чувството на правна, финансиска и каква било друга сигурност на инвеститорите. Честите и / или драстични промени во регулативата кои радикално ги менуваат основите на деловното работење можат да бидат знак за сериозни активности на разни интересни групи кои се обидуваат да ги постигнат своите интереси.

Исто така, тоа понекогаш може да биде резултат на популистички склоности да се подредат на одредени влијателни структури, без пошироко согледување на негативните последици. На крајот на краиштата, последиците секогаш ги трпи општеството во целина. Не само преку пониски приходи во буџетот, туку и преку намалени инвестиции, последици врз работните места, како и со прелевање на недовербата на инвеститорите во други области на деловно работење, што ги мултиплицира негативните ефекти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Реновирањето на инфраструктурата во Украина, до сега, ќе чини 60 милијарди долари, проценува Светска банка

Редакција

(Фото) Велигденска забава во Зоолошката градина: Лемурите „се кршеа“ со јајца

Редакција

Албанскиот народ да стане државотворен во македонскиот Устав: Што пишува во четирите предлог амандмани на Беса на Касами

Редакција