еМагазин
Image default
Спорт ТОП СТОРИИ

Виз ер Скопски маратон со рекорден број на учесници: Повеќе од 13.000 љубители на трчањето од 55 земји ќе трчаат на 6 октомври

Најголемата спортска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски маратон, го надмина својот рекорд од 2019 година од пред-пандемичниот период за број на пријавени тркачи. Рекордот претходно беше постигнат во 2019 година на тогашното издание на маратонската манифестација.

Оваа недела, 6. октомври 2024, во рамките на своето јубилејно 20. издание, ќе учествуваат рекорден број љубители на трчањето. На стартот во недела се очекува да се појават 13.440 натпреварувачи од 55 земји, кои ќе ги исполнат улиците на главниот град со позитивна енергија и ќе ја потсетат јавноста дека навистина, – трчањето може да те промени.

Пријавените тркачи со своето учество на Виз Ер Скопскиот маратон мапираат земји од целиот свет. Со својата дводецениска традиција, Виз Ер Скопски маратон стана симбол на сплотеност и неверојатен спортски дух.

Покрај традиционалната маратонска трка (42.195 км), на Виз Ер Скопски маратон како и секоја година ќе се трча и полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, како и трката за рекреативци на 5 км, како најмасовната трка од сите.

„Иако се работи за рекреативен настан, она што нас како министерство ни е од интерес е што врзувате многу луѓе и има многу учесници. Негуваме исти вредности по кои сака да се води и Министерствто за спорт и да бидеме пример во општеството и можам јавно да кажам дека маратонот ја има нашата целосна поддршка. Се надевам дека и годинашниот маратон ќе биде успешен како и сите досегашни и стоиме на располагање за сѐ она што можеме да го помогнеме,“ изјави министерот за спорт, Борко Ристовски.

Кире Синадиновски, спортски директор на Виз Ер Скопски маратон изјави дека во сите четири трки, рекреативната трка од 5 км, маратонот, полумаратојот и штафетниот маратон е зголемен бројот на учесници во однос на минатите изданија.

„Можам да најавам дека ќе учествуваат неколку елитни натпреварувачи од Кенија и се надевам дека ќе бидат срушени рекордите на патеките. Оваа година имаме мала измена на патеките во однос на минатите години, но стартот останува на исто место, пред Собранието.

Тркачите на маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон ќе трчаат накај населбата Хром, по улицата Теодосиј Гологанов, по што кај Хром ќе свртат полукружно, се враќаат назад во центарот на градот, каде продолжуваат покрај Тутунски комбинат, на Трета македонска бригада, по што ќе свртат лево, по улицата Васко Карангелевски, кај Мајчин Дом, па потоа по Булевар Србија десно, тука вртат полукружно, по што се враќаат на Тобако 2 и по Булеварот Јане Сандански, се враќаат повторно на Трета македонска бригада и завршуваат на Порта Македонија, на плоштадот во Скопје.

Ова е првиот круг за полумаратонот, додека маратонците уште еднаш ќе го свртат истиот круг. Додека патеката за трката на 5 км, стартот е исто пред Собранието, по што натпреварувачите трчаат во правец на населбата Аеродром, односно кај Тутунски комбинат вртат лево, по Трета македонска бригада и кај Супермаркетот Тинекс свртуваат полукружно и се враќаат повторно назад на плоштад Македонија, каде што е целта,“ изјави Синадиновски.

Голема помош на целосната организација даваат и сите пријавени 600 волонтери, кои ќе бидат вклучени традиционално во реализацијата на овогодинешното јубилејно издание, но секако и сите поддржувачи и покровители на овој голем настан.

„Оваа година имаме и Маратон Експо, при што од утре почнува издавањето на стартни пакети. Воведуваме и новина, каде што секој учесник треба да дојде со QR кодот што му е испратен на мејл, за да си го подигне стартниот пакет. Очекувам дека и покрај најавите за променливи временски услови во недела, дека сепак ќе имаме добро време и дека ќе имаме успешна трка,“ дополни Синадиновски.

Организаторите уште еднаш ги повикуваат сите во недела да ги бодрат тркачите и да ја споделат позитивната енергија на јубилејното издание на можеби омилениот спортски настан во државата.

„Оваа година е јубилејно 20 издание, првите две изданија беа одржани во 97 и 98, но од 2007 година се возобнови Скопскиот маратон, тогаш како полумаратон, трка на 5 км и детска трка, каде што имавме околу 700 натпреварувачи. Низ годините, Сојузот на спортови на Скопје, поддржуван од Јавните претпријатија и од тогашната Агенција за млади и спорт и Делгацијата на ЕУ помогнаа да се подигне рекреацијата и масовното трчање на едно високо ниво.

Оваа година имаме 13.440 натпреварувачи, при што за прв пат имаме приближен број на женски и машки учесници, односно околу 48 проценти се жени, а околу 52 отсто се мажи. Ова е глобален проблем, но Сојузот на спортови на Скопје преку своите програми успеа да мотивира да се пријават повеќе жени и да има повеќе учесници од повеќе старосни категории.

Покрај рекреативниот карактер на манифестацијата, со текот на годините се натпреваруваа и врвни маратонци, а имавме дури и учесник на Олимписките игри во маратонската дисциплина. Се радувам што имаме и голема поддршка од медиумите и дури 60 проценти од спорстките новинари се директни учесници во маратонските и полумаратонскитев трки и посакувам и оваа година да видиме што поголем број новинари на стартот на трките.

Исто така, ги повикувам сите оние што не се во можност да трчаат годинава, да се појават долж патеката и да ги бодрат натпреварувачите“, изјави Гордана Николовска – Кузмановска од Сојуз на Спортови – Скопје.

Повеќе информации за 20. Виз Ер Скопскиот маратон можат да се најдат на официјалната веб страница: skopskimaraton.com.mk.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Досега попишани 1.760.194 лица во Македонија и 201.247 од дијаспората

Редакција

Вархеји давал паралелни пробугарски предлози за решавање на спорот со Бугарија, откри Димитров

Редакција

Најстудено во Битола, најмногу снег во Маврово

Редакција