Собранието и годинава организира Парламентарен карван – манифестација која има за цел да ја приближи законодавната власт до граѓаните и да овозможи поголема вклученост на јавноста во демократската дебата и во подготовката на законски решенија кои ќе го подобрат животот, информираат од таму.
„Парламентарниот карван за 2025 година тргнува на 9. мај (петок), а негова прва дестинација е Општина Ресен, каде што ќе се организираат повеќе активности за комуникација на граѓани со пратеници, во присуство и на претставници на Службата на Собранието, на канцелариите за контакт со граѓаните, општините, локални јавни установи, образовни институции, локални граѓански организации, како и домашни и меѓународни организации, кои помагаат во спроведување на настанот.
Во периодот до средината на јуни, карванот за 2025 година ќе ги посети и Крушево, Кратово, Крива Паланка, Валандово, Неготино, Тетово, Кичево и Куманово, како општини што не беа посетени за време на претходниот Парламентарен карван, во 2023 година. Завршната манифистација, пак, и годинава е предвидено да се одржи во Скопје – во околината на Собранието.
Преку разни активности во централните места во градовите и општините ќе се испратат клучните порака на манифестацијата „Собранието за граѓаните“ и „Отворено и одговорно“, а со цел да се подвлече дека законодавниот дом е одговорен како институција пред граѓаните,“ се вели во соопштението.
Парламентарниот карван ќе обезбеди присуство на пратениците во општините или во изборните единици од каде што се избрани. Тоа е можност, пратениците да ги слушнат впечатоците на граѓаните за работата на Собранието и да се запознаат со проблемите кои бараат законодавна иницијатива, велат од таму.