На денешната владина седница помина програмата за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат јавните установи во областа на културата за 2025 година, информираа од таму.
Истата содржи 11 проектни активности кои ќе се реализираат од страна на Министерството за култура и туризам и националните установи од областа на културата кои се носители на активностите.
Со оваа програма се предвидуваат активности за продолжување со изведување на градежни работи за изградба на нов објект наменет за театар и библиотека во Тетово, изградба на објектот на НУ Турски театар – Скопје и изградбата на Стар Театар во Струмица, се продолжува и со реконструкција на објектот на театарот во Куманово, како и почеток со реконструкција на објектот НУ Музеј на Македонија и почеток со реконструкција – санација и адаптација на објект на поранешно кино Партизан во Битола при НУ Народен театар – Битола.
Финансиските средства потребни за реализација на активностите се предвидени во Буџетот на Министерство за култура и туризам за 2025 година во износ од 123.775.000 денари.