еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Во предлог-буџетот за 2025 нема средства за конкретни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето, велат од О2 Иницијатива

Предлог-буџетот за 2025 е во собраниска расправа и ова е прва година да не поднесовме навреме наши предлози за измени на Буџетот за 2025 година во областа на животна средина, од причина што никој од пратениците не нè извести навреме, а кога сами увидовме, рокот за поднесување на амандмани веќе беше изминат, информираат од О2 Иницијатива.

Од таму оценуваат дека ова е чекор наназад во соработката со пратениците, како наши претставници во Собранието, од кои зависи носењето на Буџетот и кои амандмани ќе се усвојат, а кои не.

„Ние сепак поднесовме наши предлози за измена, кои се надеваме ќе се предложат и усвојат како комисиски предлози на Комисијата за финансирање и буџет. Овие предлог измени се скоро идентични како тие од минатата година, кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, како тогашна опозиција ги предложија.

Сега како партија на власт со мнозинство во Собранието, се надеваме дека истите ќе ги инкорпорираат во предложениот Буџет за 2025 година, зошто средства за бараните намени во Буџетот за 2025 нема.

1,36% се планирани за заштита на животна средина, односно 103,4 милиони евра, рекордно до сега. Средствата, иако се голем исчекор од минатото, особено во споредба со годините пред 2024 година, се малку во однос на собраните даноци за животна средина и би требало да се дупло повеќе.

90% од средствата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), односно 77,8 милиони евра се наменети за капитални расходи.

Во август оваа година со ребалансот на Буџетот за 2024, за прв пат се воведе нова владина потпрограма, инфраструктурни проекти во општините, во програмата децентрализација. Ова продолжува и во 2025 година.

За добивање на овие средства општините треба да аплицираат со проекти до надлежните министерства. Од МЖСПП за оваа намена се одвоија 9,9 милиони евра во 2024, а за 2025 се планирани 7,8 милиони евра. Наша претпоставка е дека овие проекти во најголема мера ќе бидат за изградба на водовод и канализација.

Тука доаѓаме до главниот проблем со овој буџет, иако најголем до сега за заштита на животна средина. Најголем дел од средствата одат на комунална инфраструктура, изградба на водовод и фекални канализации, нешто што општините треба да го реализираат.

Во минатото овие изградби помогнати од централниот буџет беа дел од Министерството за транспорт, а сега се бројат како заштита на животната средина,“ се вели во анализата на О2 Иницијатива на главните црти на Буџетот за 2025 од аспект на заштита на животна средина.

Каде е другото?

Од О2 Иницијатива велат дека нема средства за конкретни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето.

„Во Македонија годишно има над 3.800 смртни случаи поради загадувањето со PM2.5, што е 17,7% од вкупната смртност во државата. Секој девети смртен случај кај новороденчињата е поврзан со загаден воздух.

Средства за конкретни мерки кои ќе го намалат аерозагадувањето не најдовме во буџетот за 2025. Нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи, домаќинствата, сообраќајот. Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека 10 болници во текот на 2025 ќе го променат начинот на греење, но средства за оваа намена нема во буџетот.

Нема доволно средства за купување на мерни инструменти за континуирано работење на мониторинг станиците за квалитет на воздух. Во моментов 29 инструменти не работат. Секоја година се повторува истото сценарио, нема доволно резервни инструменти на лагер за да се заменат старите и тие што се расипуваат. Континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот е неопходен за да се прати аерозагадувањето, преземат мерки при негово надминување и извршат потребните анализи.

Нема континуирано мерење на тешки метали во воздухот барем на едно мерно место, согласно законските обврски. Средства за оваа намена Нема во буџетот. Нашите предлози за амандмани се токму во овие насоки,“ се додава во соопштението.

Во однос на управувањето со отпад, процесот на воспоставување на системи за управување со отпад за сите 7 плански региони, со депонии во Мечкуевци, Русино, Мегленци и Доброшинци е започнат од претходната влада со обезбедување на средства од ИПА, Швајцарска влада и ЕБОР и е во различна фаза за секоја од овие депонии/плански региони, посочуваат од таму.

„Но за скопскиот плански регион државата нема предвидено средства за стандардизирање на Дрисла и развивање на системот за управување со отпад, иако овој регион учествува со 46% од БДП (2022 година).

Нашите предлози за амандмани се наменети за скопскиот плански регион и Дрисла, каде е потребно сериозно вложување за да се добие еден современ одржлив центар за управување со отпад, кој жителите го заслужуваат со учество во скоро половина од БДП на државава.

Енергетика – целта на државава за учество на обновливи извори на енергија во производство на електрична енергија, е хидроцентралите (тука се мисли на големите) да сочинуваат 66% од производството на електрична енергија до 2030, имајќи предвид дека енергијата од ветерот и сонцето е нестабилна, за што е потребно балансирање на системот. Во буџетот нема средства за оваа намена.

Во однос на овозможување на индустријата да го замени јагленот, мазутот и слично со гас, потребно е да се донесе гасот до неа. За гасификација предвидени се само 1,8 милиони евра.

Средства за најавените когенеративни централи на гас исто нема во буџетот.

Загадена почва и подземни води – од жешките точки, започнато е чистењето на Охис од претходната влада, но оди многу побавно од предвиденото. Потребно е мобилизрање на средства за чистење на големата депонија и Пеленица.

Давање на концесионири за чистење на Лојане, згурата од топилница Велес, не даде со резултат и потребно е државата да вложи и ги исчисти овие жешки точки на најсоодветен начин во најбрз можен рок. Исто и со депонијата на Југохром, од која водата од Рашче е загрозена и другите жешки точки. Средства за оваа намена во буџетот за 2025 нема,“ се вели во анализата на О2 Иницијатива.

Фото: Игор Бансколиев

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Сами се бодрат пеејќи: Емотивни снимки од кинескиот град Вухан кој е во карантин поради коронавирусот

Редакција

Не очекува просечно врнежлива зима со натпросечни темератури

Редакција

Државниот инспекторат за техничка инспекција вработува пет лица, плата до 29.693 денари

Редакција