Одлуката на Владата да не додели средства за проектите за кои аплицираше градот Скопје уште еднаш ја потврдува секташката ментална состојба на Владата предводена од Христијан Мицкоски. Со оваа одлука докажа дека неговата суета е поважна од било која потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет, реагираат од Град Скопје.
„Спротивно на ветувањата дека од средствата од унгарскиот кредит ќе се финансираат проекти во сите општини, без разлика на политичката определба на раководствата на локалните самоуправи, со вчерашната одлука се потврди за неточна. Единствено се потврди очекуваното секташко однесување на Мицкоски кое е насочено кон пресметки со неистомислениците и за кој државата, граѓаните и нивните потреби се очигледно на последно место.
Колку за споредба, најзадолжената општина во Р. Македонија, Општина Гостивар добива 2.7 милиони евра за проекти иако должи преку 108 милиони евра потрошени од буџетот, додека градот Скопје не добива ниту еден проект иако аплицираше со 20 проекти со целосно обезбедена проектна документација, за разлика од дел од општините, на кои Мицкоски им додели средства и покрај тоа што немаат проекти.
Мицкоски никогаш немал намера да се грижи за потребите на граѓаните и проектите кои се важни за нив. Единствена грижа на овој човек е обезбедување на поголема власт за да може да ги реализира своите планови и преку своите општини да извлекува средства“, се додава во соопштението.
За потсетување, како што велат од таму, Град Скопје достави проекти согласно објавениот јавен повик на Владата за поддршка на општините, со цел унапредување на квалитетот на живот на жителите на Скопје.
„Над 20 поднесени проекти се со фокус на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата.
Во сферата на урбанизмот и развој на патната инфраструктура, се аплицираше со проекти за реконструкција на улица Беласица, изградба на булевар Македонско Косовска Бригада од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсница со булевар Босна и Херцеговина, кружен тек на улица Ѓорче Петров со булевар Македонска војска, изградба на кружен тек на булевар Александар Македонски, изградба на кружни текови на булевар 12-та Македонска бригада, реконструкција на булевар Србија и проект за обнова на градежната механизација.
Во областа сообраќај, Град Скопје поднесе проекти за 80 еколошки ЦНГ автобуси и 15 електрични автобуси. Во областа на противпожарната заштита, се аплицираше за обезбедување нови противпожарни возила.
Од областа на комуналните дејности, Град Скопје поднесе проекти за зајакнување на капацитетите на јавните претпријатија Комунална хигиена и Паркови и зеленило, како и за реконструкција на стакленици за производство на садници. За секторот култура и спорт, се поднесоа апликации со проекти за реконструкција на планетариумот и изведба и поставување на трим тартан атлетска патека по должината на кејот на реката Вардар.
Со цел имплементирање повисок степен на дигитализација и информациски технологии во Град Скопје се поднесе проект за LoRaWAN инфраструктура, како и за систем за паметно мерење и управување со електрична енергија“, појаснуваат од Град Скопје.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Општините Струмица, Теарце, Сарај и Град Скопје не добија пари од унгарскиот кредит