еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

За Пелистерка понудата на Комерцијална за откуп на акциите на Стопанска банка Битола е несоодветна

За Пелистерка АД Скопје заедно со поврзаното правно лице Тимох ДОО Скопје, во својство на квалификувани акционери во Стопанска банка АД Битола со 21,85% од акциите, понудата на Комерцијална банка АД Скопје за откуп на сите акции со право на глас на Стопанска банка Битола не е соодветна со вредноста на Банката, информираа од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кој е најголем акционер во Стопанска банка Битола, која доби понуда од Комерцијална за купување на сите акции

„Како носители на 21,85% од акциите на Стопанска банка АД Битола, сакаме да укажеме на севкупната македонска јавност, но и на сите други помали акционери дека понудата од Комерцијална банка од 3.200 денари по акција е целосно несоодветна и не е ниту блиску до книговодствената вредност на акциите на Банката утврдени со ревидираните финансии извештаи и тоа за 2022 година на 4.789 денари, а за 2023 година на 4.327 денари.

Оттаму сметаме дека финансиската кондиција на Стопанска банка АД Битола, е исклучително поволна и понудената вредност од страна на Комерцијална банка за откуп на акциите не ја дава реалната слика за моменталниот, но и за идниот потенцијал на Банката.

Во јавно објавениот документ наречен ‘Проспект за преземање на Стопанска банка АД Битола’ се поместени извештаи од меѓународни ревизори кои само ги потврдуваат политиките на добро управување со Стопанска банка АД Битола, укажуваат на транспарентно и успешно работење во интерес на коминтентите и сите акционери.

Вo истиот документ понудувачот, Комерцијална банка наведува дека ефектот за нив доколку ги купат сите акции на Стопанска банка АД Битола, ќе изнесува 440 милиони денари, односно консолидираната добивка за 2025 со што и самите укажуваат дека реалната вредност на акциите во моментов е далеку над 4.000 денари по акција.

Како квалификувани акционери исто така укажуваме дека доколку се отфрли понудата на Комерцијална банка, наредната 2025 е година во која исплатата на дивидента од добивка е сигурна за сите акционери во Стопанска банка АД Битола. Извештаите за биланс на состојбата како и оној за сеопфатна добивка само го потврдуваат ова сценарио.

Дополнително сметаме дека бројот на вработени во Стопанска банка АД Битола целосно е во согласност со деловните потреби за опслужување на сите клиенти и воопшто не сме согласни како квалификувани акционери дека по евентуалното преземање само дел од вработените би биле преземени, а мнозинството отпуштени. Ова едноставно не е прифатливо како за нас, така и за економијата на пелагонскиот регион и особено за градот Битола од каде што доаѓаат најголемиот дел наши вработени.

На крајот сакаме да потенцираме и да укажеме дека Стопанска банка АД Битола е по многу нешта најстабилната и најсигурната банка во Македонија имајќи предвид дека најголемиот дел од пласманите се во државни обврзници.

Апелираме до помалите сопственици на хартии од вредност во Стопанска банка АД Битола при донесувањето на нивната одлука во однос на продажба на акциите да ги имаат во предвид укажувањата наведени погоре, со цел да донесат информирана конечна одлука пред истекот на рокот на дадената понуда на Комерцијална банка АД Скопје.

Исто така укажуваме до сите помали акционери доколку се соочувате со одреден притисок или некоја форма на неетички комуникации кон вас, ве упатуваме да ни ги пријавите истите со цел да поднесеме како квалификувани акционери официјална пријава до Народна банка на Македонија“, велат од Пелистерка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Што пишува во понудата на Комерцијална за преземање на Стопанска банка Битола

Акцијата на Стопанска банка Скопје со највисок раст на Македонската берза во август

Кои се акционери во Стопанска банка Битола, понудата на Комерцијална за преземање ги откри

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мојот сопруг поднесе оставка поради хајката против него: Најчевска за повлечениот амбасадор Тодоровски од Прага

Редакција

Која е Пиксел груп, која се спомнува во аферата „Броило“, која ја обелодени ВМРО-ДПМНЕ

Редакција

НЛБ банка оствари добивка од 34 милиони евра

Редакција