Еуролоинк осигурување е новиот стратешки партнер на СОС Детско село. Лидерот на пазарот на неживотно осигурување и членка на групацијата ГРАВЕ ја препозна благородната мисија на оваа организација и му се приклучи на големото семејство поддржувачи на СОС Детско село, информираат од таму.
„Еуролинк осигурување е одговорна и посветена компанија која во целост го поддржува општеството од кое е дел. Среќни сме што нашата поддршка се проширува и во делот на социјалната и детска заштита и ќе придонесе за подобар живот на многу деца без родители и родителска грижа, како и семејствата во ризик.
Верувам дека на овој начин ќе влијаеме врз подигање на свеста за важноста на водење грижа за социјално ранливите категории и ќе поттикнеме и други компании да се вклучат со своја поддршка,“ рече Марија Томеска, претседател на Управниот одбор на Еуролинк осигурување.
Новото стратешко партнерство значи дека уште една компанија ја препознава и оддава признание на заложбата и работата на СОС Детско село, но и уште повеќе, обезбедување на втора шанса за безгрижно детство на многу дечиња без родители и родителска грижа.
„Секогаш е задоволство, но и радост кога нашето семејство расте. Ја поздравуваме иницијативата на Еуролинк осигурување и им посакуваме топло добредојде во нашето големо семејство! И ние и Еуролинк сме посветени на подобрување на животите на луѓето односно децата, сега како партнери пристапуваме кон една уште повозвишена цел – осигурување на иднина со помалку предизвици и повеќе остварени желби и соништа на оние на кои им е најпотребна поддршка, на дечињата без родители и родителска грижа.
Верувам дека ќе реализираме заеднички активности под мотото „За сигурна иднина“ баш како резултат на посветеноста на Еуролинк во градењето на подобро општество за сите,“ изјави раководителката на фондот за собирање средства и комуникации, Силвија Брајовиќ.
Донацијата на Еуролинк осигурување ќе биде наменета за едукативна поддршка на деца од згрижувачките семејства и зајакнување на нивните социјални и комуникациски вештини.