Aгенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, во својот последен извештај за Македонија го потврдува кредитниот рејтинг од „ББ+“ со стабилен изглед.
„Соодветната монетарна политика, стабилизирањето на цените на храната на светските берзи, како и временото замрзнување на цените на храната кај нас придонесоа за намалување на инфлацијата“, посочува агенцијата во извештајот.
Во истиот се наведува дека поради затегнатата монетарна политика, инфлацијата се намалила на 3% во февруари оваа година, во споредба со 19,8% во октомври 2022 година, кога го достигна највисокото ниво.
Базичната инфлација исто така се намалила на 4,7% во февруари, од највисокото ниво во декември 2022 година од 11,1%, за што придонесува и стабилизирањето на инфлациските очекувања.
„Фич“ прогнозира дека просечната стапка на инфлација ќе се намалува и во 2024 и 2025 година.
Според агенцијата, брзиот раст на платите претставува нагорен ризик за инфлацијата. Сепак, посочуваат дека зголемените профитни маржи во последниве години можат да неутрализираат дел од повисоките трошоци и да придонесат за намалување на ризикот од повисока инфлација.
Според „Фич“ банкарскиот сектор и натаму е стабилен и профитабилен, а адекватноста на капиталот од 18,1% е на највисоко ниво во последните 17 години.
“Кредитната активност забави сведувајќи се на 5,1% во декември 2023 година, а забавуваат и цените на недвижностите како резултат на затегнатата монетарна политика и преземените макропрудентни мерки“, стои во извештајот.
Агенцијата ги нагласува и поволните трендови кај денаризацијата, којашто е зголемена и го достигна нивото од 49,8% на крајот на 2023 година, со што се надминаа негативните ефекти забележани од почетокот на војната во Украина. За ова придонесуваат и последните остварувања кај депозитите коишто упатуваат на зголемено учество на денарските и долгорочните депозити на населението.