Поранешниот министер за задравство, сега пратеник, Венко Филипче, најави кандидатура за претседател на СДСМ.
„По долго размислување и низа разговори со голем број поддржувачи на СДСМ, решив да се кандидирам за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на престојните внатрепартиски избори.
Нашата партија е соочена со голем предизвик и ги поминува веројатно најтешките моменти од нејзиното основање. Ова е време кога многумина се прашуваат дали СДСМ ќе опстане и каква е иднината на партијата. Но, јас силно верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова.
Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок.
Во овој дух, по затворање на рокот за кандидирање, ги поканувам сите кандидати на заедничка средба да ги договориме правилата на фер и демократска кампања во која на крајот сите ќе излеземе и помудри и пообединети,“ напиша Филипче на Фејсбук.
На последните парламентарни избори Филипче ја предводеше листата на коалицијата на СДСМ во изборната единица четири.
Досегашни кандидати за претседатели на СДСМ се Славјанка Петровска и Јован Деспотовски.
Идниот лидер, партијата ќе го бира на 30. јуни.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој сѐ е во „трка“ за нов претседател на СДСМ
Фото: Филипче/Фејсбук