еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Поттикнување на општествената вредност преку здравствена заштита“ – Одржана третата конференција за здравство на АмЧам

Во организација на Комитетот на здравство при Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам) вчера во Скопје се одржа третата годишна конференција за здравство под работен наслов „Поттикнување на општествената вредност преку здравствена заштита“.

Конференцијата имаше за цел да ги разгледа и истражи значајните општествени влијанија кои ги носат инвестициите во здравството и на неа учество зедоа бројни претставници од институциите, лидери од индустријата и здравствени професионалци.

Главниот говорник на конференцијата д-р Вим Грот, професор на Универзитетот Мастрихт од Холандија, зборуваше за „Трансформативната моќ на здравството“. Врз основа на резултатите од повеќе научни студии, обраќањето се фокусираше на економските импликации и општествената вредност на здравството. Според професорот Грот, вредноста што ја нуди здравствениот систем е посеопфатна од самото подобрување на здравјето и продолжувањето на животниот век, така што истовремено има клучно влијание во развојот на економските капацитети и продуктивноста на компаниите, но и општеството во целина.

Податоците кои ги презентираше д-р Грот покажуваат дека инвестициите на Македонија во здравствениот сектор се релативно пониски во однос на соседството и значително пониски во однос на западноевропските држави.

Влијанието на здравствените инвестиции врз економијата беа понатаму образложени и од д-р Малина Милер, раководител на секторот за здравствена економија при Институтот WifOR од Германија. Нејзиното детално предавање поткрепено со бројни податоци беше одличен вовед во првата панел-дискусија на тема: „Утврдување на влијанието и вредноста на инвестициите во здравството“.

Прв соговорник на д-р Милер беше Сашо Клековски, директор на Фондот за здравствено осигурување, кој се осврна на проблемите и предизвиците што произлегуваат од недоволната имплементација на плановите за работа во здравствениот сектор, која што, истакна дека, мора да биде конзистентна и кохерентна без разлика на промените кои се случуваат со водечките позиции во институциите.

Дискусијата потоа продолжи, прво, со претставници на меѓународни организации, а потоа и со бизнис-секторот, кои ги понудија своите погледи и размислувања на поставената тема, и тоа: Рита Колумбиа, постојан координатор на Обединетите нации во Македонија, Аким Али, шеф на канцеларијата на СЗО; Франсоа ду Тоа, раководител на фармацевтската област CEETRIS при Roche и Живко Мукаетов, генерален директор на Алкалоид АД Скопје.

Врз основа на дискусијата која опфати различни перспективи, беше заклучено дека силните партнерства и соработка се од витално значење, бидејќи тие ја поттикнуваат довербата и овозможуваат искрени разговори за критичните прашања, вклучувајќи ја и неефикасноставо трошењето. Исто така, беше акцентирана суштинската потреба од собирање и анализа на податоци за донесување одлуки базирани на факти, но и соодветно и инклузивно планирање.

Конечно, беше истакнато дека мора да се делува проактивно и дека целта останува здравјето на пациентите, што не само што им користи на поединците, туку придонесува и за поздрава економија.

Втората панел-дискусија на конференција, овој пат на тема Приоритизација на незаразните болести: итност, стратегии и решенија“, беше отворена со воведното предавање на Аркади Шарков, економист за здравство во ЕКИП Софија од Бугарија, а негови соговорници на темата беа: Игор Николов, советник за здравство на премиерот на Македонија, Елена Ќосевска, специјалист за социјална медицина и јавно здравје, раководител на одделението за унапредување на здравјето и следењето на болести при Институтот за јавно здравје на Македонија, Стив Мортон, специјалист за јавно здравје од Велика Британија и Ивица Белина, претседател на коалиција на пациентски организации од Хрватска.

На панелот беа истакнати сериозните импликации во Македонија како резултат на незаразните болести. Како одговор на тоа беше нагласена потребата од развивање критични мерки за ефективно адресирање на незаразните болести, како што се воспоставување точни регистри на пациенти, важноста од дефинирање на патеките за здравствена заштита фокусирани на пациентите, како и развојот на сеопфатни национални (акциски) планови за спречување и лекување на малигните болести.

Последниот панел на конференцијата, насловен „Проширување на пристапот: стратегии и иновации во здравствените системи во регионот“, беше отворен од страна на Весна Попова, заменик претседател на комитетот за здравство на АмЧам. Нејзини соговорници беа: Вита Годец, извршен директор на Lenis/Medicopharmacia за Централна и Источна Европа, Сава Тодоров, директор за јавни политики и комуникации на MSD за Бугарија, Албанија, Македонија и Косово и Клити Хоти, извршен директор на Novartis за Тирана, Скопје и Приштина.

На последната панел-дискусија се дискутираа различни стратегии кои се покажале како успешни за проширување на пристапот до лекови и медицински помагала во здравствените системи од регионот.

Фокусот беше ставен на унапредување на процесите поврзани со позитивната листа на лекови, овозможување на склучување посебни договори (Managed Entry Agreements), и забрзување на воспоставувањето на проценка на здравствена технологија (Health Technology Assessment) во јавните здравствени институции.

Дискусиите и сознанијата споделени на здравствената конференција ја потенцираат неопходноста од поголема посветеност кон инвестициите во здравството, кои се еден од клучните фактори за унапредување на здравјето на населението, како и поттикнување на сеопфатна општествена вредност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Групирањето за време на верските празници на затворено е голем ризик за заболување од Ковид-19

Редакција

И денеска дождливо време, локално во форма на невреме

Редакција

Шест нови случаи на ХИВ/СИДА во Скопје, Кочани, Тетово и Прилеп

Редакција