еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Прв возрасен пациент примен во детската болница Козле

Болницата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле денеска го прими првиот возрасен пациент позитивен на вирусот Ковид-19, а хоспитализирани се и две деца кои се позитивни.

– Денеска го примивме првиот возрасен пациент. Се работи за 61-годишен маж, кој кај нас беше испратен од „Аџибадем Систина“. Нему во таа клиника му било направено серолошко тестирање, кое покажало дека е позитивен на вирусот.

Но, бидејќи тие тестови не се препорачуваат за идентификација на заразата, утре ќе му направиме ПЦР-тест, за да утврдиме со сигурност дали пациентот е инфициран или не, вели за МИА д-р Ангелко Андоновски, директор на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле.

Тој информира дека денеска во Институтот биле хоспитализирани и две деца позитивни на коронавирусот. Децата во Институтот биле испратени од граничниот премин „Табановце“, а тестови им биле направени во Ниш. Нивните родители се негативни.

– Се работи за две деца, едното на четири и пол годишна возраст, а другото двегодишно. Тие се асимптоматични случаи. Немаат температура, немаат никакви симптоми. Ќе им направиме уште еден тест, па ќе ги пуштиме на домашно лекување, вели д-р Андоновски.

Во овој Институт досега биле направени 350 тестови на деца и биле откриени шест случаи на позитивни на коронавирусот. Шесте деца биле со лесна клиничка слика и сите се во одлична здравствена состојба.

Д-р Андоновски вели дека децата лесно го минуваат вирусот, кој може да биде опасен само ако детето има некое заболување, како на пример астма, ХОББ, тешка анемија и друго.

– Досега во цела држава се откриени 200 деца позитивни на коронавирусот, на возраст од 0 до 19 години, вели д-р Андоновски.

Во Институтот за белодробни заболувања кај децата „Козле“ располагаат со 70 легла, од кои 15 се наменети за деца. Во него ќе бидат сместени возрасни пациенти со полесна или средна клиничка слика.

Институтот располага со кислородна линија, но нема респиратор, кој е потребен за потешките случаи.

Д-р Андоновски вели дека Институтот е подготвен уште пред четири месеци да одговори на потребите за третман на пациенти заразени од коронавирусот.

Тимот во „Козле“ се зајакнува со дополнителен персонал од лекари, осум интернисти и двајца професори од Инфективната клиника.

Покрај на Инфективната клиника и болницата „8 Септември“ која функционира како КОВИД-центар во Скопје, сомнителни и заболени пациенти со коронавирусот се лекуваат и во болниците во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Охрид, а се подготвува и КОВИД-центар во Кавадарци.

МИА/Фото: МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од корона вирусот починаа уште 5 пациенти

Чаир се ближи до 400 активни случаи на Ковид-19: Како изгледа бројот на заразени по скопските општини

11 лица од Куманово, двајца од Липково заболени од Ковид 19, сите се од познати кластери

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

На вработените кои штрајкуваат во образованието и градинките ќе им бидат исплатени само придонеси, најави министерката Тренчевска

Редакција

(Фото) Мала Америка во Кавадарци: Инвестиција од 30 милиони евра во модерен повеќенаменски комплекс

Редакција

Анкета на МЦМС и „Социетас цивилис“: СДСМ во благо водство пред опозициската ВМРО-ДПМНЕ

Редакција