Покрај за „Политика“, премиерот Зоран Заев даде интервју и за саботното издание за дневниот весник „Данас“ со наслов „Макрон знае дека за Балканот ЕУ нема алтернатва“.
Во интервјуто, Заев оценува дека Северна Македонија има многу постигнато и дека нема да дозволи да се вратиме на старо, јави дописникот на МИА од Белград.
– Дел од највисокото раководство на нашите политички противници, за жал, до денес се нема оградено од стариот режим. Напротив, го бранат тој режим, криминалот и корупцијата кои државата ја доведоа до дно, додека животот постоеше само за една фамилија, оценува Заев во интервјуто објавено на насловната страница на белградскиот весник „Данас“.
Заев вели дека не ја изгубил надежта во ЕУ по повторното одложување да се одреди датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и оцени дека „сите имаат корист“ од политиката за проширување и дека „со затворање на вратата сите губат“.
– Верувам дека ЕУ денес повеќе од кога и да е, е свесна дека затворањето на вратата не би му направило добро на никој. Од продолжувањето на политиката за проширување, сите имаат корист. Од евентуалното затворање на вратата сите губат, нагласува Заев.
Тој се надева дека ќе има шанса лично да разговара со францускиот претседател Емануел Макрон и верува оти Макрон знае дека за земјите од Западен Балкан ЕУ нема алтернатива.
– Ниту едно партнерство не може да биде замена за европските интеграции. Мислам дека тоа не е одржлив однос и не би ги донел посакуваните резултати за никого, вклучително и на Европа, рече Заев.
Тој не очекува застој на патот кон членството на Северна Македонија во НАТО.
– Остануваат уште три држави да го ратификуваат Протоколот. Се работи за одлуки на државните парламенти и технички процедури, посочува Заев.
Во интервјуто за „Данас“ вели и дека очекува опцијата што тој ја предводи да победи на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија во април наредната година.
МИА/Фото: Влада