Поранешниот советник на поранешниот министер за финансии, Драган Тевдовски, аналитичарот Бранимир Јовановиќ, на својот Фејсбук профил реагираше за најавата за одлагање на прогресивното оданочување за три години.
„Да бидеме начисто. Со одлуката да го „одложи“ прогресивниот данок, Владата ќе им даде 30-40 милиони евра на најбогатите 1% во оваа држава. Не на сиромашните, не на работниците, не на земјоделците, не на студентите, не на младите, туку на Заевци, Кочовци, Нини, Камчевци и Мијалковци.
И, ок, легитимно е. Легитимно е, па и логично, Влада водена од богаташи, да се грижи за богатите, а не за сиромашните.
Ама немојте да кажувате дека сте левичари и дека се залагате за социјална правда. Немојте да зборувате дека се залагате за подобро здравство, подобро образование и еднакви можности за сите.
Немојте да тврдите дека се застапувате за сиромашните, работниците, земјоделците, студентите, обичните луѓе, народот.
И немојте да ги барате нивните гласови на следните избори. И немојте да се изненадите кога тие нема да гласаат за вас. И кога ќе завршите неславно, како најкратката Влада во историјата на оваа земја. Зашто, како што кажал нашиот народ, што сеете, тоа и ќе жнеете“, напиша тој на Фејсбук.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како Заев го бранеше прогресивниот данок
Тевдовски до пратениците на СДСМ: Ако го укинете прогресивниот данок не сте социјалдемократи
Владата „изненадува“: Прогресивното оданочување во мирување во следните три години
Фото: Фејсбук/Јовановиќ