Вториот сведок на денешното рочиште за случајот „Рекет“, бизнисменот Зоранчо Митровски, нагласи дека бил запрепастен кога во медиумите слушнал оти е осомничен во случај на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Тој наведе дека е почесен конзул на Летонија и оти е бизнисмен долги години, кој има свои винарии на повеќе места во Европа.
Митровски, откако слушнал во медиумите дека се споменува како осомничен, побарал да пристапи до обвинителите во СЈО, да однесе документи, да исконтактира со нив, но, како што вели, му било речено „се во свое време“. Бил загрижен за својот углед и чест, но исто така бил и исплашен, поради, како што нагласи, тогашната моќ на СЈО.
– Нарушувањето на честа и угледот не се надоместува. Кога СЈО не ме удостои да ме прими за да дадам документи и да престане голготата, почна кокетирањето со мене, добронамерни посредници, па ми кажуваа дека не е страшно, објасни сведокот.
Тој наведе дека Сашко Бошков му раскажал за средбата со првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски и што се зборувало таму – дека Јованоски побарал два милиони евра за да се реши случајот со Митровски, кој му е кум и долгогодишен пријател на Бошков.
– Бошков ми кажа што му кажал Јовановски, кој не беше опасност за мене, но сфатив дека приказната е многу поголема и сериозно се исплашив, потенцираше Митровски, истакнуваќи дека немал намера да даде пари. Додаде дека смета оти Јанева го искористила Јовановски.
Митровски, како почесен конзулат на Летонија, одлучил за случувањата да го извести Алберт Сарканис, нерезистентниот амбасадор на Летонија. Сараканис имал средба со министерот за надворешни работи и му пренел. Потоа од МНР се обидувале да воспостават неофицијални контакти со Митровски.
Третиот сведок на денешното рочиште Томе Главчев, сопственик на компанијата „Ноел“ раскажа дека имал многу потресно искуство при сослушувањата во СЈО за друг случај. Истакна дека на неговиот адвокат му била дадена листа на докази, меѓу кои имало и такви, кои воопшто не се однесувале на него.
Главчев рече дека неговата компанија лансирала нови производи на пазарот, наменети за жени. Од таа причина сакал поголем маркетинг, бидејќи неговата конфекција е позната по изработка на кошули за мажи. Тој во повеќе наврати контактирал со Јовановски, но сите разговори биле поврзани со рекламирањето во телевизијата 1ТВ.
Сведокот раскажа дека по случувањата, односно откако неговото име било објавено во медиумите, како осомничен за случајот „Поштенска банка“, цената за рекламирањето се зголемила. Од договорените 40.000 – 50.000 евра на околу 100.000 евра.
Главчев раскажа дека тој сам го прашал Боки 13 да не има некоја информација за случајот во СЈО, бидејќи, како што објасни, го гледал Јовановски на фотографии со обвинителите. Јовановски на тоа му одговорил „јас мислам дека си дел од колатералка и треба да бидеш спокоен“ .
МИА/фото: МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Боки 13 барал два милиони евра од бизнисменот Митровски, тврди адвокатот Бошков