еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Пендаровски: Тешките денови се уште не се зад нас, но далеку сме од катастрофични сценарија

Тешките денови се уште не се зад нас. Но, апелирам до сите да бидеме смирени, да бидеме рационални, да бидеме одговорни кон нашето здравје и нашите животи и солидарни еден кон друг. Почитувајте ги препораките, останете дома. Излегувајте само кога е неопходно. Немам никакви дилеми дека со заеднички напори сигурно ќе ја победиме епидемијата, порача претседателот Стево Пендаровски по денешниот состанок на Советот за безбедност.

Тој рече дека печатењето пари апсолутно не е опција во овој момент и дека надлежните се далеку од размислувањата за катастрофични сценарија, одговарајќи на новинарско прашање дали една од економските мерките е и печатењето пари, по урнекот на некои држави.

„На состанокот на Советот за безбедност беше и гувернерката на Народната банка и според она што го презентираше, ние не сме идеални во економскиот дел, бидејќи пандемијата си го зема својот данок, но далеку сме од размислувања за катастрофични сценарија. Печатењето пари не би требало да биде варијанта во ниту една ситуација, бидејќи кога ќе помине целата кризна сиуација ќе предизвика уште поголеми негативни реперкусии и по нашата национална економија“, рече Пендаровски.

Според него, и други држави во овој момент не се подготвени тоа да го применат, имајќи ги предвид најголемите економии во светот, а не како нашата, која, како што рече, е зависна од глобалните економски трендови.

Пендаровски истакна и оти се согласува со последниот сет мерки објавен претходно од Владата, со кој на сите функционери, почнувајќи од него, па се до последниот функционер на локално ниво ќе примаат минималец од 14.500 денари.

„Ние ќе примаме наредните месеци минималец од 14.500 денари. Таа мерка апсолутно ја поддржувам, бидејќи мислам дека е праведно распределување на товарот на кризата. Не беше добра мерката која претходно циркулираше и беше предложена до Владата, дека сите од највисокиот функционер во државата па се до последниот вработените во јавната администрација независно какво е неговото лично примање да бидат оптеретени на еднаков начин, односно сите да земат минималец.

Значи, не се согласувам со таа мерка дека сите треба да примаат во администрацијата 14.500 денари, но сметам дека е добра мерката тие што имаме многу повисоки плати од републичкиот просек да понесеме поголем товар, во таа смисла и да се работи за минималец од 14.500 денари во наредните месец, два и колку што ќе биде неопходно и понатаму се разбира“, рече претседателот.

На прашањето дали размислува да се откаже целосно од платата за време на пандемијата, потврдно одговори дека ако Владата предложи таква мерка, тој ќе биде првиот кој ќе ја поддржи.

Пендаровски исто така оцени дека во овој момент нема потреба од воведување поригорозни мерки во однос на ограничувањата на движењето на нашите граѓани, посочувајќи дека е оценето оти со ова ниво на ограничувањето на движењето на раѓаните се постигнуваат задоволителни ефекти.

„Според компаративните статистички податоци, нашата земја во однос на досега заразените, починатите и досега тестираните, не е под нивото на земјите-членки на ЕУ, а во некои од тие статистички индикатори и е понапред во позитивна смисла од земјите во нашето опкружување, истакна Пендаровски.

На прашањето дали се размислува по завршувањето на првите 30 дена вонредна состојба таа да се замени со кризна на територијата на целата држава, рече дека не се размислува за тоа.

„Не, таа дилема ја надминавме минатиот пат на претходните седници на Советот за безбедност кога се дебатираше дали е неопходно да се воведе кризна состојба на целата територија или кризна во повеќе општини од оние кои до тој момент беа опфатени.

Претежна размислувањето дека не е потребно воведување кризна ситуација на цела територија, пред се и над се, не е исклучиво, но пред се и над се заради економските индикатори кои покажуваа нагло влошување или можности за нагло влошување на економската состојба во наредниот период ако оваа состојба продолжи“, рече Пендаровски.

Во врска со најавените респиратори од Кина и набавката на други респиратори, Пендаровски рече дека таму постои проблем.

„Јас не чекав седница на Советот за безбедност, го знам проблемот од пред неколку недели. За жал, нашата пријателска Турција од непознати причини воведе ембарго на каков било извоз на респиратори иако тоа беше норвешка донација која практично беше пред самата реализација.

Јас сум во комуникација дневна со кабинетот на турскиот претседател, се разбира и сите останати претставници од Владата по своја линија, до овој момент немаме решение за тој проблем. Јас се надевам дека ќе најдеме.

Се разбира дека ќе продолжиме со дипломатските напори да се одблокира таа помош која за нас е голема иако можеби за Турција и за некоја друга поголема држава не е толку голема. За нас е значајна и се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај нашите турски партнери и пријатели“, рече претседателот Пендаровски.

Денешната седница на Советот за безбедност се одржа во проширен состав. Претседателот Пендаровски на 18 март, на предлог на Владата прогласи 30-дневна вонредна состојба во државата заради поефикасно справување со коронавирусот, а во тој период Владата треба да поднесува извештаи за ефектите од донесените мерки за заштита против корона вирусот, преземените активности и планови за постапување во иднина.

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Владата не го прифати предлогот на СДСМ: Наместо на цела администрација, скратени само платите на функционерите

Како и зошто почина од коронавирусот мажот од Куманово, кој имаше 45 години

Нови детали за најмладиот починат пациент од коронавирусот, кој имаше 31 години

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Петто приведено лице за предизвикување пожар: Жител на Добридол се сомничи дека го предизвикал пожарот во селото

Редакција

ТАВ ги бележи првите знаци на закрепнување на авиосообраќајот: 1,3 милиони патници опслужени за 11 месеци на скопскиот и на охридскиот аеродром

Редакција

Пандемија со Ковид-19, бугарско вето за ЕУ, Македонија стана членка на НАТО: Настани кои ја одбележаа 2020

Редакција