За жителите на тетовскиот регион вакцинацијата против Ковид-19 ќе се прави на два пункта во Здравствен дом Тетово.
Бројот на пунктови по потреба ќе биде зголемен во руралните општини, во зависност од масовноста на вакцинирање, односно од бројот на вакцини кои ќе пристигнат во државата и потоа ќе бидат достапни за тетовското подрачје.
-Определени се два пункта за вакцинација тука во Здравствен дом Тетово и еден во објектот „Монопол“. Доколку има потреба од помасовна вакцинација може да се овозможи такви пунктови да има и во руралните општините.
Тим од Министерството за здравство веќе изврши увид за проценка на капацитетите за спроведување на вакцинацијата во нашата јавно здравствена установа, изјави Борислав Јоргаќиески, директор на Здравствен дом Тетово.
Согласно препораките на Светската здравствена организација и Министерството за здравство во Здравствен дом Тетово веќе се извршени и останатите подготвителни работи кои се потребни за спроведување на најавената вакцинацијата.
-Станува збор за протоколите за транспорт, чување и аплицирање на вакцините. За транспортот и чувањето дефиниран е ткн. „студен ланец“.
Воедно веќе е извршена обука за медицинскиот персонал, за докторите кои ќе ја аплицираат вакцината и медицинските сестри кои ќе помагаат во подготвување на вакцината и документацијата, истакна Јоргаќиески.
Според најавите на Министерството за здравство, во почетокот се очекува вакцинирање 2.500 лица дневно на ниво на целата држава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Општина Тетово