еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Од Ковид-19 изгубивме луѓе колку еден мал град, ние се однесуваме како да е се нормално, а ништо не е

Третиот бран на Ковид-19 е многу појак и пострашен од вториот во ноември, бидејќи капацитетот на болниците е повеќе исполнет. Поголем број на заболени, поголем процент на хоспитализирани.

При ваква едно крајно загрижувачка состојба, не само што нема мерки, освен полициски час, туку отсуствува и општа присутност на надлежните за да се предупреди и предочи за вистинската состојба.

Ако ништо друго, во ноември и декември видовме постојани апели за сериозноста со состојбата со вирусот, постојани укажувања до граѓаните да ги почитуваат мерки. Граѓаните на одреден начин разбраа, и поради стравот имаа поголема дисциплина.

Сега стравот во овој трет бран отсуствува. Да, се е кажано. Мерките се на сила една година и се е добро познато. Но имајќи ја предвид менталната матрица и дека овој вирус очигледно ќе не фати сите на кондиција, и тоа како е потребна стратегија за справување. Башка се има искуство од една година. Уште во јануари се знаеше дека ова не чека во март.

Да, контролите и инспекциите се зголемени на терен, да, недостасуваат инспектори за да се пофати и исконтролира се, но криво засадено дрво не може да даде прави мерки.

Имајќи ја предвид лесната преносливост на вирусот за кој се препорачува дури две маски и растојание поголемо од два метри, и во вакви услови, дозволено е седење во кафаните на затворено, и јавниот превоз остана да функционира со дозвола за 75 проценти на капацитет исполнетост. А се знаеше дека вирусот е присутен во јануари. Зошто тогаш ништо не се направи барем кај овие две точки кои се видливи со голо око. Како стручњаци сигурно многу повеќе знаете кои се потенцијалните жаришта.

Зошто не се прикаже реалната состојба во болниците, зошто не се слушне гласот на тие кои што се во ковид-центрите, зошто кончено не се слушне гласот на вистината? Но, што да кажат? Изгинаа од работа, а одредена група работници кои биле со договори не биле платени. Да дозволите луѓе кои работат во ковид-центри три месеци да не земат денар и притоа да најдете оправдување зад некакви си закони, во најмала рака е безобразно и неодговорно.

Совесните, моралните, одговорните ќе изнајдат секој можен начин за да ги исплатат и нема да дозволат оние во први борбени редови, покрај сите стресови, да немаат средства за егзистенција. За кој друг има плати? За пратениците кои не доаѓаат на работа и земаат по 1.500 евра плата. Еве нека волонтираат по ковид-центрите, нека ги доживеат сите трауми кои ги имаат лекарите и персоналот, па алал нека им се парите. Нека се подраспрашаат какви глетки се во прашање кога луѓе им умираат на раце и која борба е тоа.

Добивањето слободен кревет, кој се потешко се добива, не значи и добивање на вистинска нега. Дали е исто кога лекувате 10,100,1.000 пациенти? А бројот на медицински персонал е тој? Ниту натчовечки напори кои медицинските лица ги вложуваат не се доволни, за да се одговори на соодветниот третман на секој еден пациенти. Просто, физички не се постигнува.

Ригорозните мерки во време кога немаме вакцини, според стручњаците, нема да дадат резултат, бидејќи бранот ќе се врател во мај. Но сепак… Вреди, бидејќи можеби до тогаш ќе стигнат најавените вакцини. Да, има недостаток поради побарувачката, но во меѓувреме, мора да се најде начин како населението да се заштити. Вие мора да имате „бек-ап“ план за секое „што ако“.

Комисијата за заразани болести неделава требаше да излезе со став дали ќе се воведат дополнителни мерки. Молчат. И при вакви бројки. Несфатливо. Па бидете турска серија во 1.000 епизоди, само изговерете ги вистинските зборови.

Народот е препуштен на самиот себе, бидејќи нели, се му е кажано. Се му е повторено 100 пати и препораките се тие. Да, вистина е. Но вие, имајќи ја предвид ситуацијата со претходните два брана исто така знаете дека тоа не е доволно.

И да, нема потреба да се споредуваме со другите земји, па да се потенцира дека ситуацијата таму е иста. Таму барем се вакцинираат. И ги гледаме членовите на комисиите како секој ден се пенават за да укажат за сериозноста која ја предизвика британскиот сој кој се покажа и повирулентен па и посмртоносен.

Во државата се однесуваме како да е се нормално, а ништо не е. Ситуацијата никогаш не изгледала пострашна. Изгубивме луѓе колку еден мал град, а ние сите скокаме во бродот, за да имаме чувство дека тој се движи. А тој не само што стои, туку и пропаѓа во една жабокречина во која смрди на една тотална незаинтересираност, неодговорност и ситуација „што Господ ќе ни даде“, што просто иритира од нејзината ароганција и непосветеност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Српската влада направи повеќе за вакцинацијата во Македонија, отколку нашата

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Во живо) Протест против „францускиот предлог“ и пред Собрание

Редакција

(Видео) Седуммесечно бебе доби нова шанса за живот

Редакција

Во изминатите три дена, 96 нови случаи на Ковид-19, оздравени 288, четири починати лица

Редакција