Светската здравствена организација (СЗО) и нејзините сестрински агенции од системот на Обединетите нации по повод 7 април, Светски ден на здравјето, ги повикуваат сите лидери и меѓународни партнери да се водат од начелата на инклузивност и правичност при правењето планови за одговор на Ковид-19 и за закрепнување од последиците од пандемијата, со цел да се изгради поправичен и поздрав свет за сите.
Од канцеларијатата на СЗО во Скопје соопштија дека пандемијата со Ковид-19 ги изнесе на виделина постоечките разлики меѓу луѓето од аспект на возраста, родот, образованието, вработувањето, пристапот до чиста вода и чист воздух и, секако, пристапот до здравствена и социјална финансиска заштита.
Овие неправичности, како што посочуваат, се бариери за поздрав живот и за подобар пристап до здравствени услуги и им нанесуваат штета на нашите општества и економии.
– Зошто врз одредени луѓе Ковид-19 остави потешки последици во споредба со други? Работите се едноставни: тие луѓе најчесто имаат полоша работа, понеквалитетно домување, живеат во
посиромашни заедници и пристапот до социјална поддршка и здравствена заштита им е потежок
отколку на другите.
Време е секој да добие подеднаква шанса и да се издигнеме од пепелта на пандемијата на начин што во иднина нема да ни биде целта само да преживееме, туку да просперираме, вели во пишана изјава регионалниот директор на СЗО за Европа, д-р Ханс Клуге.
Како што стои во соопштението од канцеларијатата на СЗО во Скопје, Ковид-19 жестоко ги погоди сите земји, но негативното влијание врз граѓаните во рамките на една земја беше нерамномерно распоредено.
Премногу често, како што се потенцира, најтешки последици трпеа токму ранливите заедници, кои беа поизложени на болеста и со отежнат пристап до квалитетни здравствени услуги. Како последица од ваквата состојба, овие заедници се под поголем ризик од појава на негативни последици како резултат на мерките што се спроведуваат за запирање на ширењето на пандемијата.
Според министерот за здравство Венко Филипче, правичност за сите во поглед на здравјето е основен услов за развојот на една држава.
– Министерството за здравство и целата Влада беспоштедно работат на елиминирање на сè тоа што значи непотребно страдање на луѓето, болести што може да се избегнат и прерана смрт.
Го подигнавме капацитетот на здравствениот систем за пружање нега на болните од Ковид-19 и за спроведување соодветни антиковид активности во делот на јавното здравје, истовремено одржувајќи го пружањето на есенцијални здравствени услуги.
Владата веднаш презеде активности за заштита на здравиот живот, како што беше замрзнувањето на цените на основните прехранбени артикли, лековите и други производи, штитејќи ги на тој начин работните места и економијата, ја пренесува пораката од Филипче во соопштението канцеларијата на СЗО во Скопје.
Одделни пораки упатија и Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите нации во Северна Македонија и Патриција Ди Џовани, претставник на Фондот за децата на Обединетите
нации (УНИЦЕФ) во Северна Македонија.
– Во екот на една од најголемите здравствени кризи во поновата историја, на овој Светски ден на
здравјето мораме сите искрено да им се заблагодариме на лекарите, медицинските сестри и
техничари, фармацевтите, административниот кадар во болниците и на многу други здравствени
работници кои неуморно работат и спасуваат човечки животи.
Наша должност е со сите сили да се трудиме да водиме што поздрав живот, да носиме маска, да одржуваме хигиена и да држиме растојание едни од други со цел да се стави крај на пандемијата на Ковид-19, изјави Дуџак.
Според Ди Џовани, пандемијата со Ковид-19 поткопа многу темели врз кои почива пристапот на децата до здравствена заштита, образование и детска заштита.
– Сведоци сме на намален број услуги за децата во делот на дијагностиката, лекувањето на хронични заболувања и примарната здравствена заштита заради стравот на родителите од можно инфицирање на децата со вирусот.
На глобално ниво, ограничувањата на движењето, карантините, преминот кон учење на далечина и намалената социјализација негативно влијаеја врз менталното здравје на децата, што беше идентификувано како клучен ризик по здравјето на децата кој директно произлегува од пандемијата.
Како што владите ширум светот потрошија милијарди долари за да ги спасат своите економии, исто така постои итна потреба да се инвестира во децата за да се спречи здравствената криза да прерасне во криза со правата на децата, порача ДиЏовани.
МИА/Фото: Photo by Fusion Medical Animation on Unsplash