еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Тие што се вакцинирале или допрва ќе се вакцинираат овој месец, ќе имаат највисок степен на заштита пред есенскиот бран

Ви ја пренесуваме последната анализа на професорот Дејан Трајковски, кој редовно на Фејсбук ја анализира состојбата со Ковид-19 во Македонија и светот.

“14.09.2021. Денеска имавме голем скок во стапката на позитивни тестови (сината линија на првиот дијаграм) и потврдување на растот на нејзината подвижна средина (црвената линија на истиот дијаграм).

Сето тоа се случува при солиден број на тестирања (4.511), што покажува дека не се работи само за случајност.

Како што рековме, вака се поставува сцената за иден раст, иако според намалувањето на дневните броеви на новодијагностицирани тоа сé уште не може да се види со голо око.

Просто е неверојатно како се повторува сликата од мината година, дури и по датуми.

Дневните броеви на случаи сé уште се намалуваат, што се гледа и од вредноста на ефективниот репродукциски број Rt (на вториот дијаграм), којашто се уште е под единица.

Но, изгледа како деновите на мала преносливост полека да остануваат зад нас, односно сé поизвесно е дека за една до најмногу две недели би можеле да дојдеме до единечна преносливост.

Во тој момент, при Rt=1, дневните броеви би биле на минимум и би стагнирале, подготвувајќи се за нов раст.

Всушност, бидејќи Rt има доцнење од околу 3 дена, минимумот тогаш веќе би бил постигнат и можеби би забележале и мал раст.

Дали отворањето на училиштата за работа со физичко присуство дојде за наплата или едноставно се работи за нормална сезонска ротација, слично како ланскиот септември? Можеби и таа сезонска ротација има врска со завршувањето на летните одмори, па затоа секоја година се повторува на истите датуми.

Анализирајќи го репродукцискиот број за Битола, но и за други градови надвор од северозападот, се забележува дека репродукцискиот број на епидемијата летово бил само малку над единица, а во близина на двојката бил само 3-4 дена.

Тоа точно се совпадна со сценариото што го правев во јуни, во случај Делта сојот да пристигне во текот на летото. Тогаш сметав дека Делта сојот, со неговата преносливост за 40%-90% поголема од преносливоста на Алфа сојот, при тогашниот Rt=0,70, може да доведе до Rt=1…1,35 во текот на летото, односно не би требало да има големо избувнување до почетокот на есента.

Така и бидна во Битола и повеќето градови. Меѓутоа, на северозападот испровоцираа голема преносливост со многубројните свадби, односно практично ја постигнаа есенската преносливост. Ако е така, преносливоста во Тетово би можела да ни послужи како ориентир за тоа што ќе се случува насекаде со доаѓањето на есента.

Во самото Тетово можеби нема да се случи истото, бидејќи за нив „есента“ можеби поминала, благодарение на свадбите.

Делта сојот има страотна преносливост, Тетово ни даде претстава како може тоа да изгледа насекаде.

Училиштата засега не придонесуваат многу за зголемување на преносливоста, но ќе видиме како ќе биде понатаму. Но, тука има еден фактор на кој што досега не сметавме. Во сите искуствени и математички модели се претпоставува дека прележаноста и вакцинираноста создаваат бедем против ширењето на епидемијата, односно се воспоставува извесен степен на колективен имунитет, којшто со текот на времето би требало само да расте.

Сега гледаме, благодарение на новите соеви, дека не е баш толку едноставно. Со текот на времето, но и со појавата на нови соеви, ефективноста на вакцините против заразување се намалува.

Исто така се намалува и имунитетот од заразување кај прележаните од претходните бранови, особено кај асимптоматските и полесните болни. Тука треба да правиме разлика од имунитет против заразување и отпорност против тешка форма на болеста, којашто сепак ни оддалеку не се губи толку брзо.

Да заклучиме, опаднувачката заштита во комбинација со високата преносливост на Делта сојот може да доведе до слични броеви на новозаразени есенва.

Сега можеме да се навратиме на прашањето на имунитет против тешка форма на болеста. Благодарение на прележаноста и дадениот опфат со вакцинација, можеме да се надеваме на пониски броеви на тешко болни и починати.

Тие што се вакцинирале или допрва ќе се вакцинираат овој месец, ќе имаат највисок степен на заштита. Во есента ќе влезат со ефективност против заразување од околу 80%, за разлика од вакцинираните во март и април, каде ефективноста е речиси сигурно под 20%.

Но и едните и другите – да се надеваме – би требало да имаат слична заштита против смртен исход.

Последниве денови стапката на леталитет постепено се покачува и истата моментално изнесува околу 3,25% од јули наваму, во споредба со 3,52% за цело време на епидемијата. Овие стапки се многу блиски и тоа не би се очекувало при досегашниот опфат со вакцинација.

Единственото објаснување е дека смртноста доаѓа од најслабо вакцинираните општини во државата (северозападот), па затоа не забележуваме поголемо намалување на леталитетот на ниво на цела држава.

Од друга страна, видовме дека во општините со висок опфат со вакцинација морталитетот е до 30 пати понизок, во споредба со општините со низок опфат (на пример Кавадарци во однос на Гостивар).

Ќе видиме како ќе изгледа сето тоа наесен. Вака излегува дека нискиот морталитет (при речиси ист леталитет) најмногу се должи на помалото заразување во општините надвор од северозападот. Ќе видиме што ќе биде кога ќе се зголеми преносливоста и кога заразувањето ќе биде низ целата држава, слично како на северозападот во текот на летото.

Со корона вирусот се бориме веќе 18 месеци, досега видовме како треба и како не треба со него. Во меѓувреме пристигнаа и вакцините, коишто треба да ни послужат како резервен падобран во случај на откажување на главниот (превенцијата на заразувањето).

Најдобрата стратегија би била да се продолжи со превентивните мерки (одржување растојание, носење маски), како дополнување на заштитата од вакцините, затоа што есенва ќе ни биде првиот вистински тест, како на прележаноста, така и на вакцините.

Најголема грешка би било опуштањето или помирувањето со судбината, на што сме сите ние склони кога една опасност трае премногу долго“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Професор Трајковски: Доколку сметаме со 1,7 милиони жители одвишната смртност во Македонија е 615 починати на 100.000 жители

Професор Трајковски: Како што се приближува есента така и ризиците ќе се зголемуваат

Фото: Трајковски/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Седница во Собранието за гласање на новата влада, најверојатно на 15 и 16 јануари, најави Џафери

Редакција

Приватните превозници ја продолжуваат блокадата пред Град Скопје

Редакција

Сите детали: Од затворот во Шутка тврдат дека Јанакиески и Ристовски биле нападнати бидејќи се „закачале“

Редакција