еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Почина 26-годишна родилка со претходна тешка здравствена состојба и неконтролирана бременост

Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза” во Чаир синоќа почина родилка на возраст од 26 години, на која со царски рез и било извадено машко бебе, соопшти Министерството за здравство (МЗ).

Во соопштението се посочува дека пациентката, прворотка која била во 36 седмица од бременоста, во болницата била донесена во многу тешка здравствена состојба, со висок крвен притисок и отежнато дишење.

Од МЗ додаваат дека во таква лоша состојба таа била во претходните четири дена, во кои ниту еднаш до синоќа не побарала лекарска помош.

– Со увид во извештаите во електронската база „Мој термин“ е констатирано дека станува збор за недоволно контролирана бременост, со само една претходна контрола во 30-та недела од бременоста, кога првпат е утврдено присуство на висок притисок.

Тогаш на пациентката и била ординирана терапија и дадени напатствија за интензивен мониторинг и болнички контроли. Според кажувањето на семејството, пациентката не одела на контроли, а терапија пиела повремено, наведуваат од МЗ.

Од Министерството за здравство информираа дека синоќа кај пациентката дошло до бурно влошување на и така лошата здравствена состојба, со знаци за сериозно компромитирање на белодробната функција со развој на белодробен едем, пад на сатурацијата под 80 проценти, белодробен наод и агитираност.

Истовремено, мониторингот на плодот покажал сериозно загрозување на неговата благосостојба.

– Поставена е индикација за „краш“ интубација и итен царски рез. Во операциона сала паралелно по интубацијата е констатиран кардиоциркулаторен колапс и со постапки за кардио-пулмонална ресусцитација е отпочнат царски рез.

Породен е жив машки плод, кој по иницијалната стабилизација е префрлен на Клиника за детски болести.

Кај пациентката, за жал и покрај сеопфатни мерки за ресусцитација уследила општа срцевобелодробна декомпензација и во 22:10 часот настапи смрт, се додава во соопштението на МЗ.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Турција ги блокира преговорите за членство на Финска и Шведска во НАТО

Редакција

Осум лица се тестираат на корона вирусот, околу 200 се во домашна изолација

Редакција

Брисел и натаму не може да даде рок за достава на вакцини за западен Балкан

Редакција