еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Унгарскиот министер Сијарто: Незапочнувањето на преговорите со Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ

Изостанувањето на започнување на преговорите со Северна Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ, бидејќи земјата направи се што е неопходно за да го отвори преговарачкиот процес, изјави унгарскиот министер за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто на заедничката прес-конференција во Скопје со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

– Ние бевме незадоволни и фрустрирани од заклучоците во Брисел во врска со проширувањето и сите тие одлуки ги сметаме за многу неправедни. Ако сакавме да бидеме чесни ќе требаше да кажеме уште во оваа година Северна Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите.

Со почит ги замолуваме нашите пријатели од Бугарија нивните национални прашања што ги сметаат како пречка да ги реализираат во текот на преговорите, а не со попречување на започнувањето на преговорите, подвлече Сијарто.

Тој оцени дека изостанувањето на почетокот на преговорите е нарушување на кредибилитетот на ЕУ, бидејќи од една страна ЕУ признава дека Македонците направија голем напредок, а од друга страна не ги започнува преговорите.

– И заради тоа, оваа состојба ја сметаме за штетна, опасна и спротивна на принципите на ЕУ и по прашањата за безбедноста и по прашањата на економскиот развој, истакна Сијарто.

Географската позиција на Западен Балкан, оцени тој, изгледа влијае на тоа се потешко да можеме да ги разбираме процесите што се случуваат во регионот и имаме чувство дека политиката на ЕУ која ја води кон Западен Балкан станува се понеефикасна.

– Унгарија бара преговорите со С Македонија и Албанија веднаш да започнат. ЕУ сега е пред историски предизвици и затоа би ни требало еден позитивен успех и сметаме дека проширувањето би значело успех за ЕУ и затоа Унгарија ќе прави се што е можно побрзо да започне проширувањето кон Западен Балкан, рече шефот на унгарската дипломатија.

Сијарто додаде дека Северна Македонија има многу важна улога во запирањето на миграциските текови, бидејќи се наоѓа на главната патека на миграција, и најави дека во почетокот на јануари 30 унгарски полицајци ќе дојдат како поддршка на македонските колеги во обезбедување на границата.

Османи од своја страна, го поздрави успехот на словенечкото претседателство, за да обезбеди консензус за извештаите на Комисијата за земјите од Западен Балкан, и за заклучоците на ЕК за регионот, и тоа, како што рече, покажува дека и покрај предизвиците со кои се соочуваме, ЕУ останува присутна и посветена на Западниот Балкан.

– Сепак овој делумен успех овде кај нас влезе во длабока сенка на неуспехот на Унијата да обезбеди консензус за операционализација на сопствената одлука од март минатата година, за почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија.

Свесни сме дека одлуките на Советот на ЕУ се носат со консензус, но се помалку граѓани на нашите земји имаат разбирање за тоа на каков начин и со какви аргументи се користи таа привилегија од земји-членки, додаде Османи.

Тој истакна дека несомнено е дека довербата во процесот на проширување е на најниско ниво, а тоа го загрозува кредибилитетот и на целата Унија и создава нови кризи во целиот регион.

– Но наша обврска не е да гледаме со разочарување на неуспесите, туку да ги следиме предизвиците и да нудиме решенија. Ние остануваме посветени на процесот на интеграција во Европската Унија, што преставува наш стратешки интерес и можам да ве уверам дека продолжуваме да работиме и со нашите соседи со несмалено темпо.

Предалеку сме отидени во овој процес за да се откажуваме, но искрено, се надевам дека со новата политичка гарнитура, почнуваме и нов визионерски процес на доверба меѓу двете држави, рече Османи.

Бугарија е полноправна членка на Европската Унија, додаде Османи истакнувајќи дека со право очекуваме новата Влада во Софија да покаже европски сензибилитет, партнерски однос, и грижа за соседите.

– Ние сме веќе НАТО сојузници, и нашите пријатели во НАТО, како што е еве и Унгарија, очекуваат да покажеме дека сме зрели да ги надминеме меѓусебните разлики, и со тоа да придонесеме во зајакнување на заедничката безбедност и стабилност, истакна Османи на прес-конференцијата со унгарскиот министер Сијарто. 

МИА/Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(ВИДЕО) Навивачите на „Шкендија“ демолираа низ Тетово, ширеа говор на омраза и повикуваа на насилство

Редакција

(Мапа) Во Кавадарци има најмногу заболени со Ковид-19 на 100 илјади жители, во Македонска Каменица најмалку

Редакција

Расте негативното мислење на Грците за македонскиот премиер Зоран Заев

Редакција