еМагазин во серијал ќе Ви ги пренесе биографиите на старо-новите заменици министри.
Кој е Владимир Рендевски
Владимир Рендевски е новиот заменик министер за здравство.
Рендевски е роден 1979 година во Битола, каде завршува основно и средно образование.
Бил првенец на генерацијата, а во 1998 година се запишал на Медицинскиот факултет – Скопје, каде дипломира во 2004 година, со просечен успех 9,34, стои во неговата биографија.
Во 2010 година завршува специјализација по неврохирургија на Клиниката за неврохиругија – Скопје, во 2015 година магистрира на Медицинскиот факултет во Скопје со просек 9,75, а во 2018 година докторира на Медицинскиот факултет во Ниш, Србија, со оценка 10,00.
Работно искуство и политичка кариера
Својот работен ангажман го започнува во 2005 година како помлад асистент по хирургија во Високата медицинска школа во Битола, а од 2006 до 2012ж година продолжува со работа во Клиничката болница во Битола на Одделот за неврохиругија.
Од 2012 година е во работен однос во ЈЗУ Универзитетската клиника за неврохирургија во Скопје, каде работи и денес.
Во 2016 година е избран за асистент, а во 2019 година се стекнува со наставното звање доцент, по предметите хирургија и неврохирургија на Катедрата по хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје.
Од 2017 година е директор на Универзитетската Клиниката за неврохиругија во Скопје.
Во 2015 и 2016 година, обавува 2-месечен престој во неврохируршката клиника при Медицинскиот факултет Черапаша во Истанбул, Турција за ендоскопски трансназален пристап во лекување на тумори на хипофизата, стои во неговата биографија.
Автор и коавтор е на 82 стручни и научни трудови од областа на медицината од кои пет се објавени во реномирани меѓународни медицински списанија со импакт фактор. Учествува на бројни конгреси, конференции, симпозиуми и работилници од областа на медицината. Победник е на 26. Интернационален медицински студентски научен конрес во Охрид, 2003 година.
Раководител е на научно-истражувачки тим, во кој ги обработуваат параметрите што влијаат на предвидувањето на едемот, раната смртност и исходот кај пациентите со хеморагичен мозочен удар.
Како резултат на овие истражувања во 2019 година добитник е на две значајни меѓународни награди: награда за најдобар научен труд за млад неврохирург, доделена од Европската асоцијација по неврохирургија (EANS) и Здружението на неврохирурзи на југоисточна европа (SeENS), на 5-от меѓународен неврохируршки самит, во Крагуевац, Србија и второ место на 59. меѓународен конгрес по неврологија и психијатрија „Mind and brain’’, Пула, Хрватска.
Во 2020 година, добитник е на наградата “4 ноември“ на Општина Битола, за едногодишни остварувања во областа на здравството.
Во 2021 година заедно со медицинскиот тим на доктори кои ја изведоа првата операција во Македонија – имплантација на Вагус Нерв Стимулатор (ВНС) кај пациенти со медикорезистентна епилепсија, е добитник на највисоката награда на Град Скопје, од областа на здравството „13 ноември“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Која е Фатмире Исаки, старо-новата заменик министерка за надворешни работи
Што пишува во биографијата на Агим Нухиу, старо-новиот заменик министер за правда
Кој е Назим Буши, старо-новиот заменик министер за внатрешни работи
Фото: МИА/МЗ