Светска банка во најновата пролетна прогноза предвидува забавување на растот на македонската економија за годинава на 2,7 проценти. Причина за тоа се последиците од руско-украинскиот конфликт и санкциите воведени кон Русија.
Предвидувањата се дека инфлаторските притисоци, особено храната и цените на енергенсите, ќе ги зголемат трошоците на живот и дека најпогодени ќе бидат ранливите категории на граѓани.
Според проекцииите на Светска банка, фискалниот дефицит ќе остане зголемен со проектиран раст на јавниот долг над 62 проценти од бруто-домашниот производ (БДП).
Доколку продолжи војната во Украина, Светска банка прогнозира намалување на надворешната побарувачка, зголемување на цените на стоките и енергијата и доцнење на инвестициите. Ова сценарио, како што се наведува во извештајот, би резултирало со уште понизок раст и пораст на барањата за фискална поддршка.
– Засилената политичка неизвесност и одложениот пристап кон Европската унија, може да доведат до послаби реформски напори за зајакнување на потенцијалот на раст и консолидирање на јавните финансии, се наведува во извештајот.
Препораката на Светска банка е на среден рок, земјата да ги врати јавните финансии на одржлива патека и да го насочи својот фокус на решавање на структурните предизвици како што се опаѓачкиот човечки капитал, продуктивноста, миграцијата, слабите регулаторни рамки, лошата конкурентска политика, независноста на судството.
За 2023 и за 2024 година, СБ очекува македонската економија да забележи раст од 3,1 односно 3,2 отсто.
МИА