еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Обвинителството го повлече обвинението за малата Тамара од Велес, Хелсиншки ќе се бори за правда во Стразбур

Преквалификацијата, која ја направи основниот јавен обвинител на завршните зборови во случајот Тамара, во кривично дело за кое настапи апсолутна застареност за кривично гонење, ги сруши сите шанси за понесување одговорност за смртта на девојчето, кое почина чекајќи одлука од надлежните институции за лекување во странство, велат од Хелсиншкиот Комитет.

“На денешната јавна расправа, при давање завршни зборови, основниот јавен обвинител Анел Фидовски, направи правна преквалификација, односно промена на обвинителениот предлог, а за тројца обвинети се откажа од кривично гонење.

Имено, јавниот обвинител се откажа од кривично гонење за директорите на Фондот за здравствено осигурување на РСМ и претседателката на Управниот одбор на Фондот, затоа што смета дека тие немаат кривична одговорност како службени и одговорни лица во правното лице.

За останатите обвинети, членови на првостепена и второстепена комисија, Обвинителството направи правна преквалификација и наместо член 353 в од Кривичниот закон “Несовесно работење во службата„, кривичното дело го преквалификува во член 86-б од Законот за здравствено осигурување.

Во овој член предвидено е дека лекар и член на првостепената, односно второстепената комисија на Фондот, кои ќе оневозможат осигуреник да оствари право од здравствено осигурување по основ на болест или неспособност за работа, што според закон или друг пропис му припаѓа, ќе се казни со парична казна или со затвор од шест месеци до три години.

Со ваквата преквалификација произлегува дека е настапена апсолутна застареност на кривичното гонење во октомври 2020 година, со изминување на 6 години од денот кога е сторено кривичното дело. Согласно ова, Обвинителството побара судот да донесе одбивателна пресуда, согласно член 402 од Кривичниот законик.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во изминативе години во повеќе наврати реагираше на постапувањето на Обвинителството, но и за честото одложување на рочиштата.

Од кривичната пријава која ја поднесе Хелсиншкиот комитет поминати се седум години, а судската постапка започна во 2018 година.

Со оглед дека Обвинителството одлучи да го преквалификува делото дури во завршната фаза од судењето, а не претходно, легитимен е сомнежот дека постоела намера делото едноставно да застари и никој од обвинетите кривично да не одговара за смртта на малата Тамара.

Комитетот оценува дека ваквата одлука на Обвинителството е крајно поразителна и значи дополнително зголемување на недовербата во правосудниот систем, кој не испорачува правда за жртвите.

Хелсиншкиот комитет и понатаму ќе се бори за правда во овој случај и ќе поднесе апликација пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур“, велат од Хелсиншкиот Комитет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој донирал за кампањата за парламентарните избори за коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ

Редакција

Убава вест: Оздравени 632 пациенти од Ковид-19, најмногу во Скопје 169

Редакција

Обвинителството отвори истрага за уште еден осомничен за грабнувањето на внукот на Љубе Бошкоски

Редакција