еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Ќе извлече ли поука Македонија од големата трагедија во Грција

Додека се уште не е познат точниот број на загинати од катастрофалните пожари во Грција, грчките медиуми анализираат дали работите можеа да бидат поинаку и зошто се случи големата трагедија.

Никој нема дилема, еден од главните виновници е „урбаната мафија“, поим кој многу добро ни е познат и на нас во Македонија.

Да, многу луѓе во Мати и Рафина, места кои се најпогодени од пожарите ќе се спасеа ако пристапот до плажите беше отворен, а не пренатрупан со хотели и вили, голем број од нив изградени и нелегално.

И ако има пат, а не тесни улички.

Ви текнува на бурите во Охрид, кога езерото дојде по своето и ги поплави кафулињата и рестораните, кои одамна се влезени на негова територија?

Една од причините за брзото ширење на пожарите беше ветерот кој како факели ги палеше боровите.

И Македонија има голема вегетација од борови, но ние за сега имаме сериозен проблем не со нивното палење, туку со нивното незаконско сечење.

Ви текнува на поплавите во Скопско во кои загинаа двасетина лица? Водата се спушти од Скопска Црна Гора, поради ерозијата, предизвикана токму од неконтролираното сечење на дрва.

За масакрот што му се случува на Водно, да не правиме муабет. Еден ден кога земјиштето ќе почна да се лизга, и Водно ќе дојде во центарот на Скопје, Цацко ќе биде крив.

Ни една власт во Македонија сериозно не му пристапи на неконтролираното и незаконско градење, не само во Охрид, туку насекаде. Напротив го форсираше истото. Очигледно надлежните не ја научија лекцијата дека природата не простува, туку враќа немилосрдно.

Не дај Боже да не снајдат пожари како во Грција. Македонија е комплетно неподготвена за такво нешто, не само поради тоа што нема доволно авиони за гасење на пожари.

Според грчките медиуми немањето план за евакуација при пожари за погодените области исто тако придонело за големиот број на загинати.

Ние имаме сериозен план за нешто? Најверотно не. Тоа се гледа после секоја природна катастрофа што ни се случува, а последните години ги имавме поприлично.

Да не заборавиме и на климатските промени. Можноста за природни катастрофи во следните години ќе биде уште поголема.

Фото: Greek reporter

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ковачевски му порача на Радев повеќе да се занимава со реформите во неговата држава

Редакција

Разрешени заменик министрите Асани, Абедини и Алиу

Редакција

(Видео) Принцот Чарлс позитивен на корона вирусот иако избегнуваше ракување

Редакција