еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

За неполн месец регистрирани 25 заболени од мали сипаници во Дебарско

Дваесет и пет заболени од мали сипаници, заклучно со 3 август, се регистрирани на територијата на Дебар, објави на својата веб страница Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Првите девет случаи беа регистрирани на 17 јули, кога беше прогласена епидемија на мали сипаници во дебарско.

Од ИЈЗ посочуваат дека заболените се на возраст од седум месеци до 45 години. Од вкупниот број заболени, 44 отсто се припадници на ромската популација, 40 отсто се од албанска, осум отсто од турска, четири отсто (еден заболен) од македонска националност и за едно лице нема податок.

Од заболените во епидемијата за 16 лица има лабораториска потврда, а девет случаи е утврдена епидемиолошка врска. Од лабораториски потврдените случаи, 68,8 отсто се невакцинирани или се некомплетно вакцинирани, а 31,2 отсто се вакцинирани со две дози на вакцина против мали сипаници.

Од ИЈЗ информираат дека со цел да се намали можноста за ширење на заболувањето спроведено е епидемиолошко истражување на секој поединечен случај на мали сипаници од страна на локалните епидемиолози, проверен е вакциналниот статус на сите заболени лица и нивните контакти, а на контактите на заболените лица кои не се вакцинирани или се некомплетно вакцинирани препорачана им е вакцинација со МРП вакцина, до комплетирање на вакциналниот статус, соодветно на возраста.

Исто така, проверен е вакциналниот опфат со МРП вакцина на територијата на Дебар, невакцинираните лица се повикани за вакцинација, засилен е епидемиолошкиот надзор над треските проследени со исип, секој суспектен случај на мали сипаници е лабораториски тестиран, поделен е информативно-едукативен материјал на здравствените работници во примарната здравствена заштита, во детските градинки, а објавен е и едукативен материјал на веб-страната на ИЈЗ, со цел луѓето кои одат на летни одмори на дестинации каде има епидемии од мали сипаници да бидат свесни за ризиците, доколку нивните деца или тие не се вакцинирани против мали сипаници.

Од ИЈЗ препорачуваат да се продолжи со засилениот епидемиолошки надзор над исипните трески во Дебар, но и во останатите градови и секој сомнителен случај на мали сипаници кој ги исполнува критериумите на дефиницијата на случај потребно е епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира.

Епидемиолошките служби при центрите за јавно здравје треба да ги известат матичните лекари/педијатри да ги пријавуваат сите сомнителни случаи (исипни трески) до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје во рок од 24 часа од поставување дијагноза или сомнение, а најдоцна за 24 часа од утврденото сомнение на мали сипаници да достават пријава за заболување/смрт од заразна болест до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје/ПЕ и повторно нова пријава по лабораториската потврда на болеста.

Пациентите, пак, кои се хоспитализирани треба да се изолираат, а бројот на посетители да се сведе на минимум односно да се преземаат мерки за спречување на интрахоспитални инфекции, а доколку лицето не е хоспитализирано, да се препорача изолација во домашни услови, додека трае заразноста, информираат од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Јавниот долг до крајот на годинава нема да достигне 60% од БДП, тврди Бесими

Редакција

Залутан куршум погодил велосипедист: Скопје е небезбедно место за живеење

Редакција

Пациенти со цистична фиброза почнуваат да го примат лекот Трикафта

Редакција