еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии за учебната 2022/2023

Во согласност со објавениот јавен конкурс, изборот на стипендистите за учебната 2022/2023 година е усвоен од страна на Управниот одбор на Фондацијата, по предложената прелиминарна листа од комисиите за распределба на стипендии, во чиј состав членуваа претставници од Фондацијата, од двата факултети, како и претставници од редовите на студентите.

За учебната 2022/2023 година Фондацијата „Трајче Мукаетов“ додели 40 нови стипендии, од кои 20 за студенти на Фармацевтскиот и 20 за студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, информираат од таму.

Еднократната парична награда во висина од 1.200 евра во денарска противвредност, која ја доделува Фондацијата дванаесетта година по ред за првенците на генерациja на двата факултети, годинава им припадна на Филип Горачинов од Фармацевтскиот факултет (со просек 9,19) и на Стефан Неделкоски од Медицинскиот факултет (со просек 10,00), стипендист на Фондацијата „Трајче Мукаетов“.

„Во мај 2007 година ја формиравме Фондацијата „Трајче Мукаетов“ со една единствена цел: да биде додадена вредност на македонското здравство и фармација.

За 15 години постоење, стипендирани се 619 студенти по фармација и медицина на државниот универзитет во Скопје, доделени се 24 еднократни парични награди на првенци на генерациите на двата предметни факултети, за кои активности инвестирани се близу 120 милиони денари.

До денес, 97 стипендирани студенти ги отпочнале своите кариери во фармацевтските оддели на „Алкалоид“. Децениските инвестиции во едукација на македонските лекари и фармацевти, програмите за практикантство, за парцијално-дуално образование и слични проекти се насочени кон подигање на квалитетот на образовниот процес, стимулирање на студентите кон повисоки достигнувања и градење на идни квалитетни и конкурентни професионалци.

Нашите операции се комплексни и засновани на научни методи, а за нив потребни се стручно профилирани кадри. Благодарение на високата селективност при регрутирањето и континуираните вложувања во сферата на едукацијата, денес конкурентно и достоинствено се носиме на глобалниот фармацевтски пазар“, изјави Живко Мукаетов, претседател на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ и генерален директор на компанијата „Алкалоид“ АД Скопје.

Почнувајќи од 1 ноември 2022 година, во согласност со одлуката на Управниот одбор на Фондацијата „Трајче Мукаетов“, износот на стипендијата, наместо досегашните 6.500 денари, ќе изнесува 7.000 денари во текот на 12 месеци и ќе се засметува линеарно на постоечките и новите стипендисти.

Фондацијата „Трајче Мукаетов“, чиј основач е „Алкалоид“ АД Скопје, е формирана за целите на поддршка на проекти од сферата на фармацијата, медицината и науката, пред сѐ преку стипендирање млади, амбициозни кадри кои својата кариера им ја посветиле токму на овие дејности.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Комисијата за заразни болести препорачува изолација на суспектни случаи со мајмунски сипаници

Редакција

Распродажба на УЈП: Се продаваат автомобили, комбиња, тв предаватели, дупчалки…

Редакција

Агенцијата за цивилно воздухопловство вработува службеник, плата е 83.200 денари

Редакција