Претседателот на Владата Димитар Ковачевски денеска се сретна со претседателот на Алијанса на Албанците, Арбен Таравари.
-Работните состаноци на премиерот со парламентарните и вонпарламентарните политички партии, на кои фокусот е продолжувањето на европскиот пат и носењето одлуки исклучиво во интерес на граѓаните и државата, ќе продолжат и понатаму, соопшти владината прес-служба по средбата на Ковачевски со Таравари.
На средбата, премиерот Ковачевски и Таравари, како што се наведува, разговарале за повеќе актуелни теми врзани со стратешките определби на државата.
-Разговарани беа придобивките од членството на Северна Македонија во НАТО, отпочнувањето на преговорите со ЕУ со крајна цел полноправно членство во ЕУ како и стратешкото партнерство кое Северна Македонија го има формализирано со Соединетите Американски Држави.
Во фокус на разговорите помеѓу премиерот Ковачевски и Таравари беа и неприкосновената борба против корупција во контекст на реформските процеси кои се случуваат во државата, како и процесот на скринингот кој досега успешно се одвива, но и процесот на носење одлуки и реформи кои ќе придонесат до што поскора интеграција на земјата во ЕУ, се посочува во соопштението од средбата.
Со оглед на програмската хармонизираност и заложбата за остварување на државните приоритетни цели, како што се наведува, премиерот Ковачевски и Таравари разговарале и се согласиле за важноста од унапредувањето на добрососедските односи кои се одлика на македонската политика и дипломатија низ годините, со крајна цел – внатрешна кохезија и меѓународна интеграција на Македонија, но и иден брз напредок и развој на државата.
„Дополнително, премиерот Ковачевски и Таравари разговараа за ефикасното справување со енергетската и економската криза, економскиот развој, како и носењето на реформски закони кои значат унапредување на функционирањето на државата како што се законските решенија за јавна финансиска контрола, спречување на злоупотреба на балансерот, заштита на ранливите категории граѓани, како и законот за Влада, но и институционалното зајакнување на Бирото за регионален развој, се посочува во соопштението од Владата.
Ова беше втора средба на Ковачевски со Таравари.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Влада