еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Фото) Не се бориме за дел од политичкиот колач, туку да го намалиме, целта е коренити промени на системот, рече Димитров на промоцијата на „Солуција“

Ние како одговорни граѓани не се бориме за дел од политичкиот колач, туку да го намалиме, рече во обраќањето Никола Димитров, при промоцијата на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“ во М6.

„Целта не се функции туку системски и коренети промени на системот, на начинот како се сфаќа политиката и политичкиот ангажман. Ќе се бориме за мали победи, ќе се дрзнеме да се бориме и за големи победи, за победите на граѓаните и ќе им направиме ѓаволски тешко на старата политика и на партиите разбрани како дуќани, да продолжуваат да го парчосуваат заедничкото наше што се вика општо добро.

Веалт дека ние сме биле малцинство, тие што сакаме ред, средена држава и здрави институции, закон и права, тие што замислуваме независен суд, и школи и болници раководени од кадарни луѓе, тие што веруваме дека младите треба и може да имаат еднакви шанси, епа ајде да видиме колку сме, не знаеме дали сме малку.

Велат дека од нас не бидува ништо, ама истото граѓанство, истиот народ кога работи и твори во демократија каде што има ред и правила и каде што се вреднува знаење, способност и искуство-успева. Утрово пиев кафе со Мајк Зафировски, кој е исклучително успешен, не ќе да е до народот и не ќе да е до граѓанството.

Не сме ништо помалку способни од кој било друг народ. Проблемот е во системот кој е антисистем,“ рече Димитров.

Тој во своето обраќање ја спомна и обвинителката Ленче Ристовска, за која е отворена постапка, по нејзините критики за влијанија во Советот за јавни обвинители.

„Не можам да не ја спомнам Ленче Ристовска која што е речиси последниот интегритет која што остана од надежта наречена Специјално јавно обвинителство. И сега Ленче се дрзнала јавно да каже дека има проблем во Советот за јавни обвинители кој што тргува со влијание. Станало на некој начин наместо гарант, на таа парче од професијата правда, станало еден вид посредник.

И сега ние, зборувам за граѓанската сила, сама ќе ја оставиме Ленче или ќе грмнеме и ќе кажеме дека во неа гледаме надеж, во тој што има храброст од позиција на обвинител да каже, „ова не оди имаме проблем“, а не во тие што молчат кога очигледно имаме проблем. Затоа нас ни треба граѓанска сила за да си ги чуваме тие мали островчиња на интегритет.

Ајде да видиме колкумина се слободоумни и храбри, професионалци, тие што почитуваат закон и плаќаат данок, бидејќи тие се надежта.

Затоа мора да притиснеме, заедно да ги туркаме партиите за да бидат подобри и да бидат таму каде што им е местото, да создаваат политики, а не да го запоседнат системот во мера во кој што го прави, практично нефункционален.

Да предлагаме решение на пример за донесување на Законот за висока раководна служба и да им го извадиме низ нос, додека не видиме дека тој закон е донесен, да им направиме политички скапо, да продолжат да прават глупости,“ рече Димитров кој заврши со цитат од Горан Стефановски „Време е за вистание на визија, волја и ум“.

На промоцијата говореа Кристина Ампева од „Гласен текстилец“, Александар Тасевски претседател на синдикатот на контролори на летање, Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, како и Марко Трошановски, претседател на Институт за демократија Социетас цивилис.

Секој од нив во своите обраќања ги истакнаа своите битки против политичките влијанија во областите во кои делуваат, залагајќи се за правата на одредени групи на граѓани и професионалци.

Главната порака од страна на странците кои беа присутни на промоцијата поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу, поранешниот амбасадор Филип Рикер, Рајнахрд Прибе, кој го постави патоказот за реформите во 2015 години е дека домашните задачи треба сами да си ги завршиме, без да чекаме некој од страна за да ни ги подобри состојбите.

Фото: еМагазин.мк

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вкупно 183 лица го прекршиле полицискиот час досега, најмногу во Скопје

Редакција

На судењето за „Триста“ се изведуваа материјални докази

Редакција

Се огласи разрешениот Реис Реџепи, спремен бил да одговара и пред законот

Редакција