Еко-активистите кои се против изградбата на гасоводот на Водно, упатија отворено писмо до градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов кој во една прилика, ги нарече дека се каприциозни.
„Во понеделникот пред медиумите зборувавте дека активистите против изградбата на гасовод низ Водно, ги игнорирале фактите и биле каприциозни. Во изминативе неколку месеци, на тема гасовод низ Водно, стотици аргументи и факти ви беа ставени на располагање, и вам и на претставниците на другите инволвирани институции. Измената на трасата во потег од 4,3 км се должи токму на тие факти презентирани од наша страна“, велат активистите во писмото до Шилегов.
Од таму додаваат дека „факт е дека до ден денешен не е презентирана компаративната анализа врз која се донела одлука трасата да помине низ Водно.“
„Факт е дека договорот за заемот од 90 милиони евра со „Дојче“ и „Ерсте банка“ за изградба и на овој гасовод не е даден на увид. Факт е дека има низа на нерегуларности во целата постапка, дел кои ги наведовме и доставивме и до вас и до надлежните инспекторати. Факт е дека вие во декември и март баравте преиспитување на трасата на гасоводот, изготвување на нова оцена на влијание врз животната средина, повторување на постапката за добивање на потребната документација за изградба на предметната делница на гасоводот, наведувате дека од 53 документи врз основа на кои е издадено одобрението за градење, нема документ со кој е одобрена градба во заштитено подрачје, потенцирате дека не било земено предвид дека трасата на гасоводот минува низ заштитениот локалитет парк-шума Водно. Интересно како тогаш парк-шумата Водно била заштитено подрачје, а сега не е. Или тогаш или сега не ја кажувате вистината“, дополнуваат активистите.
Тие додаваат дека Шилегов не излегол на терен за да ги согледа фактите и го повикаа Град Скопје да направи реална проценка на жителите на Скопје, кои се против изградбата на гасовод низ Водно.
„Градоначалниче Шилегов, навредите кон граѓанските активисти, никогаш не се добра стратегија за пи-ар. Во политички контекст многу брзо ќе сфатите дека претворајќи ги граѓаните кои волонтерски работат за општествен бенефит, при тоа во добар дел работејќи ја и вашата работа грижа за загадувањето, за животната средина, за чистотата, за животните во непријатели, најочигледно ќе се рефлектира врз вашиот углед. Притоа, ниту првата година од вашиот четиригодишен мандат не е измината. Што ве чека допрва ако сега сме каприциозни и малкумина?“, велат активистите.