Вистинската одлука на 30.септември е да се излезе на референдум и да се гласа „за“. Македонија да направи вистински чекор во вистинско време, повикаа денеска пратеници од првиот парламентарен состав на Република Македонија.
Алил Џаферовски, пратеник од првиот парламентарен состав потсети дека на референдумот на 8. септември првпат во историјата Македонија е етаблирана во светот како независна и самостојна држава, на 25 јануари 1991 година е донесена декларацијата за јасна определба за членство во НАТО и во ЕУ, а со донесувањето на Уставот и од правен аспект е заокружена државноста на Р.Македонија.
– Во 1993 година приемот на Република Македонија во ОН беше условен со прифаќање на спогодба со Република Грција и мислиме дека не погрешивме. Денес нашето членство во НАТО и ЕУ повторно е условено со прифаќање на уште една спогодба со Грција. Ако го направиме истото, повторно нема да погрешиме, рече меѓу другото Џаферовски.
Според првиот претседател на Собранието на Република Македонија Стојан Андов, од 1991 година во Македонија многу тешко градевме единство.
– Тешко можеа Македонците меѓу себе да се усогласат, а уште потешко е што ние не можевме да го најдеме местото на сојузништво и со Албанците, па и со другите претставници на помалите етнички заедници кај нас, рече Андов, додавајќи оти тоа многу многу не чинеше.
Во Македонија денес, смета Андов, постои формално единство, единство на Македонците, на Албанците, на припадниците на другите помали етнички заедници, единство околу европската идеја, Македонија да стане член на НАТО и ЕУ.
– Сите други работи, филозофии, кои не сфатиле оти единството ни е единствен излез, фактички се обиди да се разбие единството создадено во врска и врз основа на оваа европска идеја. Тоа е факт, истакна Андов.
Михаил Пановски од ВМРО – ДПМНЕ потенцира дека согласно ставот на партијата дека секој може слободна да ја искаже својата волја, ќе гласа „за“, затоа што, подвлече, убеден е оти Македонија нема да добие никогаш подобар договор од овој што го има, а членството во НАТО и ЕУ нема друга алтернатива.
– Потекнувам од Егејска Македонија, во граѓанската војна мајка ми го изгуби братот и сестрата, можам слободно да кажам дека сите досегашни премиери во Грција и верувам и идни, се од онаа монархо-фашистичка матрица што владее со години, изјави меѓу другото Пановски.
Според поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска, тешко е да се биде визионер и да ги усогласите ставовите на сите луѓе, но многу е важно да играте добро шах.
– Како некогашни визионери и сега визионерството го гледаме во тоа што РМ ќе стане членка на НАТО и ЕУ, единствен начин е со прифаќање на договорот, рече Марковска.
Поранешниот пратеник Мухамед Халили од ПДП потсети дека тие и пратениците од НДП иако гласаа за Декларацијата за независна РМ, не излегоа на референдум затоа што, рече, одредени кругови пред се на тогашната ВМРО – ДПМНЕ беа против рамноправноста на граѓаните во РМ.
– Се решивме да не го гласаме Уставот на РМ, но се решивме да ја градиме државата. Тој Устав го искорегиравме 2001 година согласно Охридскиот договор и етапно создадовме демократска РМ, изјави Халили.
Ако уште еднаш дојде време да гласаме за неправедна Р.Македонија врз дискриминација, потенцира Халили, ние за таа Р.Македонија нема да гласаме.
– Факт е дека членството во НАТО и ЕУ е стремеж за зацврстување на Р.Македонија и стремеж кој созадава независна, стабилна, прогресивна држава, изјави Халили.
МИА/Фото: Фејсбук/Тито Петковски