На 100. седница на Владата, на предлог на Министерството за финансии, ги разгледа и усвои амандманите на ребалансот на Буџетот за 2018 година предложени на комисиската расправа во Собранието на Република Македонија.
„Осумте амандмани на седницата на Владата на РМ се прифатени како дополнување на предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, и новиот, интегрален текст на предлогот за ребаланс на буџетот ќе биде проследен на усвојување на пленарна седница во Собранието на Република Македонија“, се вели во соопштението на Владата.
Со ребалансот на буџетот се предвидува ревидирање на проекцијата за раст на домашниот бруто-производ (БДП) на 2,8 проценти, задржување на буџетскиот дефицит на 2,7 отсто и намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто.
Дополнителни средства се обезбедени и за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Агенцијата за вработување.
Најголема алокација во ребалансот, има за општините за кои се обезбедува финансиска поддршка во висина од 3,020 милијарди денари, со цел намалување на доспеаните, а неплатени обврски.
Фото: Влада на РМ