еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Заминува и последната група: Во Специјалниот завод „Демир Капија“ нема веќе деца до 18 години

Од Демир Капија денеска заминува и последната група деца со попреченост кои ќе бидат сместени во мал групен дом во Скопје каде ќе добијат 24-часовна поддршка од лични асистенти со специјализирани индивидуализирани програми за работа и дефектолошки третмани.

Со ова, како што соопшти Министерството за труд и социјална политика, во Специјалниот завод „Демир Капија“ веќе нема деца до 18 години.

Честитајќи го 3 Декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост, Министерството информира и дека претходно од Специјалниот завод „Демир Капија“ беа извадени две групи деца. Едната е сместена во малиот групен дом во Тимјаник, а другата во Неготино.

-Министерството за труд и социјална политика продолжува посветено да работи на процесот на деинституционализација. Заложбите се до 2020 година ниту едно дете под 18 години да не остане во институциите и целосно да го промени начинот на кој државата се грижи за децата и возрасните на кои им треба долгорочна социјална грижа, стои во соопштението.

Пред неполни три месеци целосно беше трансформиран Домот „25 Мај“ и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучено во редовниот образовен процес. До крајот на годината, пак, целосно ќе се трансформира и Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Дел од децата ќе одат во згрижувачки семејства, а дел од нив во четири мали групни домови во Скопје.

-Процесот на деинституционализација МТСП го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија. Наместо досегашните безлични и гломазни установи за колективна грижа, со овој процес се воспоставува систем на социјални услуги во заедницата кои нудат услуги и поддршка по мерка на поединецот, со што се јакнат лицата да го поттикнуваат своето активно учество во средината во која живеат, наведува Министерството.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Истражување на „Инсајдер ИД“: Потрошувачите го претпочитаат „КАМ маркет“ шеста година во низа

Редакција

Две кампањи на Њу момент во финалето на фестивалот за маркетинг „БалКанс“

Редакција

Адора инженеринг го доби 9. национално признание за изградба на здрави еко домови заштитени од бучава

Редакција