еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Режисерот Иван Поповски со писмо до Заев напишано од неговата ќерка: Повеќе згради во Лагадин, повеќе гомца во езерото

Режисерот Иван Поповски коj живее и работи во Москва, со отворено писмо до премиерот Зоран Заев, му се обраќа по повод јавно-приватен дијалог со инвеститорот на спорниот хотел во Лагадин.

Писмото на Поповски е дел од реакциите на јавноста кои се кренаа по неумесната изјава на премиерот без да биде запознаен со вистинскиот проблем со неизграденото здание на Лагадин.

„Длабоко верувам дека Вашите помошници/советници не Ви објасниле дека криминалот за хотелот во Лагадин е направен не кога му е дадена дозвола за градба, туку претходно, кога е противзаконски донесен Општ акт за Лагадин. Опш акт не може да се донесе во места каде што постоел Детален урбанистички план  (кој за Лагадин постои од 1966 година). Детален урбанистички план може да се промено само со нов Детален урбанистички план, но никако со понизок документ како што е Oпшт акт.

Некој Ве става во целосна заблуда. Не е точно дека во Општина Охрид има „мечка” што го малтретира „чичко Никола” и не му дава да си го доизгради хотелот, туку има некои исплашени мечиња што со судни маки сакаат да ѝ се спротивстават на мафијата и со поддршка на граѓаните и граѓанскиот сектор да направат да излезе на виделина „грешката” што е направена за Лагадин, а која понатаму ќе се шири и ќе го уништува целото непроценливо природно и културно богатство на овој дел на планетава и на нашава татковина.

Ги прочитав Вашите изјави и ветувања до „чичко Никола”. Многу бев и сум револтиран. Пред 3 години, ќерка ми Павла, му пишуваше писмо на еден друг, во тоа време многу поважен, чичко Никола.

Непосредно пред да го објавиме писмото, јас ја убедував дека треба да почекаме, дека се појави еден нов чичко Зоран и дека тој ќе даде сè од себе за да ги запре глупостите од чичко Никола (сега веќе сигурно ви е јасно за кого станува збор).

Срам ќе ми биде од ќерка ми кога ќе разбере дека сум ја излажал. А како што тргнало, наскоро ќе разбере. И тогаш не Ви гине едно вакво писмо, а можеби и полошо – порасната е. Се мислев дали да чекам, ако со ваква моќна поддршка овој новиов чичко Никола стане градоначалник на Охрид, па тогаш да го објавам писмото, ама си викам, еднаш згрешив што не го објавив и да не ја повторувам грешката“, вели Поповски.

Писмото на негoвата ќерка, која тогаш не го испратила до Никола Груевски го пренесуваме во целост:

Чичко Никола, добар ден!

 Се викам Павла. Имам 6 и пол години. Сестра ми се вика Петра и има 2 и пол години. Ви пишувам од Москва. Тука сме родени и тука живееме во текот на годината. Ние сме полумакедонки и полурусинки. Секое лето доаѓаме во Македонија. Таму јас зборувам македонски, а во Москва руски. Таму е куќата на татко ми, во Охрид, во Лагадин. Таму живеел дедо ми Павле, кого јас не го познавам. Баба ми Цветанка ја познавав, а Петра ни неа не стигна да ја запознае. Ние многу го сакаме езерото.

Пливаме, си играме со другите деца, фаќаме риби со тегли и кеси, правиме куќички од камчиња и тврдини… Мене многу ми се допаѓа нашата плажа. Тато ми кажа дека Вие сакате да направите друга плажа, голема, за да доаѓаат повеќе луѓе. А зошто Ви требаат уште повеќе луѓе?

Понекогаш во јули и во август ние гледаме дека езерото станува многу валкано. Морам да Ви откријам една тајна: ние со децата лани видовме како од колекторот (ние често си играме на колекторот – ни личи на кула од тврдина), чичко Никола, ова е тајна, ние видовме како од колекторот излегуваат гомца (во Прилеп, од каде што беше баба ми Цене, ги викаат многу смешно, лајна).

И ете така ние си пливаме во езерото заедно со гомцата, пластичните шишиња, опушоците, кесињата од смоки, хартивчињата од сладолед… А после тоа понекогаш нѐ боли стомак и повраќаме. Возрасните тоа го нарекуваат „охридски вирус“. А понекогаш по езерото плива пена. Возрасните викаат дека тоа не е пена за бањање, туку пена од перењето чаршафи во хотелите.

Затоа Ве прашав, чичко Никола, зошто Ви треба уште поголема плажа со повеќе луѓе и повеќе хотели? Повеќе луѓе значи повеќе гомца, а и повеќе чаршафи за перење. А и повеќе коли. Кај нас и така одвај се поминува од коли и сите бараат место за паркирање. Каде ќе се паркираат, во езерото? Тоа не е убаво. Ние, луѓето, не смееме да му го заземаме просторот на езерото и на неговите жители. А Вие сте биле ли некогаш во Охрид за 2 август? Има премногу луѓе. Во градот не можеш ни да поминеш од луѓе и на плажа и во Свети Наум.

Мислам дека Свети Наум би сакал да си избега од таму, толку му е тесно и загушливо и неубаво. А кај Канео, чичко Никола, зошто им дозволивте да изградат згради? Беше толку убаво – како играчка, како приказна. Ако можете, тргнете ги од таму тие згради.

Мене не ми се допаѓаат палмите во Охрид, (ниту во Скопје). А Вам Ви се допаѓаат? Барем да раѓаа банани. А вака само бели пеперутки носат. Лани во Лагадин имаше цели облаци од бели пеперутки. Сите деца ги ловевме, а потоа се чешавме. Нѐ носеа на доктор. На родителите на Роди, моето другарче од Русија, им рекоа да го носат во „Маларична“. Тие, пустите, од памет се извадија додека не разбраа дека болницата се вика така и дека нема врска со болеста маларија (јас не знам каква е таа болест, ама изгледа дека е многу страшна). Ние во дворот имаме елки и борови и брези и багреми и липа. Колку убаво мириса липата во јуни.

Многу се убави нашите дрва. А погоре има и дабови и ореви и јасени. И тие се многу убави. А палмите во нашиот амбиент не се убави. Чичко Никола, многу е убаво дека се грижите и садите дрва, само не садете палми, садете дрва што со векови се навикнале да живеат во нашите краишта и си се сакаат со нашите животни, птици и инсекти. И не ги сечете трските, тие многу убаво шумолат и се нишаат кога има бранови и дува ветар. А тато ми кажа дека ако ги исечете трските, можеби и лебедите ќе си заминат засекогаш и некои риби… Се плашам да не ни умре езерото. И уште нешто сакам да Ве замолам.

Не ѝ правете лузна на планината Галичица. Таа е толку убава. Кога се возиме со кола од Скопје за Охрид, по патот гледам некои изгризени планини. Многу ми е жал за нив. Не сакам Галичица да биде изгризена и пресечена. Зошто сакате таму да направите голем пат? За по тој голем пат да дојдат уште повеќе луѓе, значи уште повеќе коли и гомца и чаршафи?!

А покрај ова ќе се случат уште многу други неубави работи. Ќе бучи патот, ќе се загади воздухот, најубавите пеперутки на светот (не како тие белите од палмите, туку убави шарени, најразновидни) ќе изумрат, а без нив нема да можат да си го замислат животот и некои цвеќиња и растенија, птиците ќе избегаат, животните нема да знаат каде да одат, над патот или под патот, накај водата, накај населбите, а некои фамилии животни ќе останат разделени, зашто ќе им биде страв да го поминат патот. Чичко Никола, дали сте сигурен дека Вашиот пат и Вашите плажи со палми и без трски ќе направат животот на нашето езеро да биде поубав???

Таму каде што јас живеам, во Москва, имавме еден стар, голем парк. Него го направија нов и многу убав. Сите почнаа да доаѓаат во тој парк и на паркот му стана многу тешко, а и на луѓето им стана многу тешко – многу гужва, многу ѓубре, многу канти за ѓубре, многу коли и гужва пред влезот во паркот…

И за да не умре тој парк, на некои паметни чичковци им текна дека треба да направат други, нови, поинакви, но исто така многу убави паркови. И така луѓето не беа толку алчни и глупави за маста да му ја извадат на тој парк и тој парк сега е жив и здрав.

Чичко Никола, Вашите деца сигурно мислат исто како мене. Ако не ми верувате, прашајте ги… Прашајте ги и моите другарчиња од Лагадин и од Москва. Од Москва секое лето кај нас доаѓаат гости. Многу го сакаат и езерото и Охрид и храната и залезите (ги фотографираат цело време) и Галичица. На Галичица планинарат со Илина. Илина е многу добра и убава. Исто така и Јасна и Игор и Искра и Мерита и Огнен и Нуне и Ленче и Софија и доктор Станко и чичко Перо и тетка Буба и Дени и Стефан и многу други.

Сите ќе Ви кажеме фала ако бидете паметен и ги запрете лошите чичковци со секирите, булдожерите и лопатите со цемент и бетон.

Чичко Никола, на крајот ќе Ве замолам за тајната – поправете го колекторот за да не пливаме со гомцата и поправете ги шахтите за да не ни смрди улицата и, знаете, понекогаш ни снемува струја и вода – и нив поправете ги. Уште сакав да Ви кажам дека во Охрид има многу малку детски игралишта со нишалки и лизгалки, а најчесто, таму каде што има, искршени се и старовремски. И „Маларична“ мислам дека многу одамна не е поправана. Кога ќе пораснам, ќе пливам до Вашата вила и можеби таму ќе Ве видам како пливате и ќе Ви кажам фала што го спасивте езерото и планината Галичица“ пишува  Павла Поповски која е сигурна дека и Петра Поповски ги дели нејзините мисли.

Понатаму, Иван продолжува дека ова било писмото што поради Заев не го испратиле до тогашниот премиер Никола Груевски.

„За среќа, некои од работите се средија: палмите си умреа, а заедно со нив и лошите, бели, туѓи пеперуги, патот (лузната) на Галичица е стопиран (се надевам засекогаш)… Останаа чаршафите, булдожерите и лопатите со цемент и бетон, … тајната… па има уште доста работи што треба да се средуваат. И уште нешто – јас моите ќерки ги учам дека не е страшно да си ја признаат грешката, пострашно е да не знаеш дека си згрешил, а најстрашно е да знаеш и да си ќутиш.

Сепак верувам дека моите ќерки и нивните помали и поголеми комшии, другари и гости ќе се израдуваат и ќе Ви пишуваат писма и разгледници со израз на благодарност кога ќе се соберат во летото 2019 во Лагадин и наместо хотелот, таму ќе видат зачнато убаво паркче со млади липи или дабови или јасени, со клупи и цвеќиња.

Замолете ги Вашите помошници/советници да Ви покажат фотографија од објектот (ги има по интернет од нашите протести) „објектчето за семеен бизнис” – за почеток ќе видите дека дотичниот отворено Ве лаже, а кој лаже… треба да проверите што уште друго таму прави и кој му помага итн.

Претходната власт направи сè за сериозно да ГО ЗАГРОЗИ статусот на Охрид како светско наследство на УНЕСКО. Ама тоа сите ќе го заборават. И сите ќе паметат која власт ГО ИЗГУБИ“, додава Поповски во писмото.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Притисокот кон Заев за Лагадин се зголемува: Мала е границата од херој до злосторник

Охрид СОС со реакција за Лагадин: СДСМ ќе биде партијата која ќе го однесе регионот на Листата на светско наследство во опасност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Градењето на гасоводот на Водно продолжи на државен празник

Редакција

Убава вест од ЕУ: Целосна забрана на пластика за едонкратна употреба

Редакција

Енергетската криза го зголемува аерозагадувањето во урбаните средини, за кои до лани не беше карактеристично

Редакција