Стотици граѓани викендов го посетија традиционалниот семеен базар во меѓународното училиште „Нова“ во Скопје на кој се собраа средства наменети за Дневниот центар за деца на улица – Шуто Оризари.
Посетителите можеа да купат традиционални специјалитети од кујните на 14 држави претставени на базарот, меѓу кои најпопуларните беа: американската, австралијанската, македонската и јапонската маса.
Дополнително посетителите имаа можност да купат книги и ракотворби од домашни и странски уметници. Се одржа и лотарија со вредни награди, музички точки кои ги подготвија учениците во „Нова“ додека најмалите гости уживаа во мини – зоолошка градина.
Меѓу присутните беа повеќе амбасадори во нашата држава како и в.д. амбасадорката на САД во земјава, Микаела Швајцер – Блум како и голем број други видни гости.
– Базарот е круна на сите општествено-одговорни активности кои се организираат во „Нова“ во текот на целата година со цел кај учениците да се всади чувство за одговорност кон заедницата во која живеат и работат. Настанот секоја година сè повеќе се развива и нешто што почна во многу помал размер сега зазема големи димензии.
Бројот на луѓе кои го посетуваат базарот е сè поголем, а ние како образовна институција се трудиме да соработуваме со институции на кои навистина им е потребна помош и овие средства ќе им го олеснат секојдневието, велат од меѓународното училиште „Нова“.
Манифестацијата е организирана од Здружението на родители и професори од „Нова“ во соработка со училиштето. Досега дел од собраните средства на настанот биле наменети и за Клиниката за педијатриска хематологија и онкологија при Универзитетската детска клиника; Домот за деца без родители „11 Oктомври“ во Скопје; Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Заводот за ментално здравје на деца и младинци (ЗМЗДМ) „Младост“ итн.