„Фич” го зголеми кредитниот рејтинг на Македонија од ББ на ББ+, со стабилен изглед.
Во извештајот „Фич“ наведува дека подобрените стандарди на владеење ја поддржуваат имплементацијата на реформите и ја зголемуваат довербата дека земјата нема да се врати на политичката парализа меѓу 2014 и 2017 година.
„Фич“ нотира и дека ова влијаело за понатамошен напредок кон членство во НАТО и кон отворање на преговорите за членство со Европската Унија, што пак ја поддржува довербата на инвеститорите и делува како сидро за реформи и макроекономска стабилност.
Исто така се коментира и извештајот на Европската комисија со препорака за почнување на преговори како одраз на напредокот на реформите во клучните полиња како владеење на правото, правосудство и јавна администрација.
„Фич“ нотира дека рејтингот ББ+ е поддржан од историјатот на кохерентна макроекономска и финансиска политика, како основа на долготрајниот фиксен девизен курс, како и подобрите индикатори за владеењето и човечкиот развој отколку споредливата група на други слични земји.
Понатаму, позитивната бизнис клима според извештајот на Светска банка за Doing Business е значително подобар од споредливата група на други слични земји, и поддржува динамични перформанси кај извозот и солиден прилив на странски директни инвестиции.
Во извештајот исто така се коментираат и силниот раст на извозот, растот на платите, стабилните девизни резерви како и банкарскиот сектор, кој е релативно добро капитализиран, ликвиден и профитабилен.
Ова е прво подобрување на кредитниот рејтинг на нашата земја после 13 години.