УНИ Банка во првите шест месеци од годината оствари добивка од 102.324.000 денари, покажува нереведираниот финансиски извештај на Банката објавен преку Македонската берза.
Во истиот период минатата година добивката на Банката била 126.578.000 денари.
„Остварените вкупни приходи од работење во првата половина од 2019 година изнесуваат 719,6 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат пораст од 15.5%.
Најголем придонес во остварувањето на позитивен финансиски резултат во износ од 102,3 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.
Имено, во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики и останати приходи од дејноста), најголемо учество од 71.6% имаат приходи од камати, кои во споредба со 2018 година се зголемени за 15.5%, како резултат на порастот на кредитното портфолио кое во однос на 31.12.2018 година се зголеми за 6.8% и достигна ниво од 15 милијарди денари.
Анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на банката кон кредитирање на секторот население, и соодветно е остварен годишен пораст од 20.5 проценти на приходите од камати на население.
Порастот на кредитирањето, зголемениот обем на активности во доменот на платен промет и картично работење, придонесоа приходите од провизии на банката да се зголемат за 15.93% во однос на истиот период од минатата година.
Остварените расходи во првата половина од 2019 година изнесуваат 617,2 милиони денари и бележат пораст од 24.3% во однос на истиот период од 2018 година.
Порастот на расходите на банката пред се, се должи на расходите од камати, како резултат на зголемување на депозитната база, согласно поголемиот интерес на депонентите за новите депозитни продукти на банката.
Зголемените расходи на банката произлегуваат и од порастот на административните расходи, предизвикани од исплата на награда на вработените и исплата на еднократна договорна испратнина, како и заради зголемување на износот на издвоени средства за зајакнување на резервациите по кредити“, велат од Банката.