еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Датумот за старт на преговорите на Македонија со ЕУ се подалеку

Лидерите на Европската Унија се разотидоа околу два часот изутринава по долга вечер преговори за проширувањето, но без договор и без заклучоци ни за Скопје ни за Тирана.

Финскиот премиер Анти Рине, по самитот, за медиумите кусо порача дека се надева дека лидерите ќе се навратат на прашањето во текот на денешниот ден, но без гаранции. Разни национални делегации различно брифираат, додека едните се надеваат дека ќе се наврати ЕУ на проширувањето денеска, други тврдат дека нема политичка волја за тоа.

ЕУ требаше вчера, по две одлагања, да донесе „јасна и суштинска“ одлука за отпочнувањето на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија, согласно препораката на Европската Комисија и општиот консензус во ЕУ дека двете земји се подготвени за следниот чекор. Но, недостатокот од политичка волја надвладеа.

Повеќето земји членки ја обвинуваат „тврдоглавоста и кусогледоста“ на Франција кон Западниот Балкан. Претседателот Емануел Макрон одбива секаков напредок во проширувањето додека не се измени методологијата на преговарачкиот процес, реформа која може да трае со години и за која Париз не дава конкретни одговори како треба да изгледа.

Од друга страна, земји како Холандија и Данска не сакаат да започнат преговори со Албанија. Во Хаг тоа е став на парламентот, и владата смета дека не може да го игнорира гласот на пратениците. За Холандија зелено светло беше прифатливо единствено под услов да се одвојат двете земји.

Конечно, третата група, најбројната, се земјите кои сметаат дека преговорите треба да почнат со двете земји, иако повеќето од нив велат дека беа подготвени да прифатат да се оди напред само со Македонија доколку тоа биде прифатливо за Франција.

Франција меѓутоа не се согласи со оваа варијанта, додека нејасен остана ставот на Германија до крај, за која одредени делегации брифираа дека е „непопустливо“ против одвојувањето, други држави членки сметаа дека Париз и Берлин пак се кријат еден зад друг.

По неколку обиди за нацрт заклучоци, кон полноќ паднал француски предлог за компромис: да се одложи по четврти пат одлуката за пролетта 2020, пред самитот за Западен Балкан во Загреб.

Опцијата била неприфатлива за повеќе земји кои сметаат дека не смее да има никакво одлагање, брифираат дипломатски извори, и дека одлуката „мора да се донесе денеска или утре“.

Поради ова земјите поддржувачи на проширувањето го одбиле францускиот предлог и одлучиле дека е „подобро да нема воопшто заклучоци отколку лоши заклучоци“, велат за МИА извори од земја членка на ЕУ.

-Западните земји едноставно не разбираат, има целосно отсуство на разбирање на реалноста надвор, подобро е што не се договоривме за текст, ова е навистина сериозно и сметаме дека е работа на претседателот Доналд Туск да стори нешто сега, додава дипломатски извор од источноевропска земја на ЕУ.

Самитот продолжува денеска од 9:30 часот, на дневен ред главна точка е повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ, климатските промени и стратешката агенда на ЕУ, во присуство на идната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн.

– Време за разговор има доколку има волја за тоа, само буџетот е тешка тема, другите се симболични…, заклучува изворот на МИА во разговор по самитот.

МИА

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Кај треба да потпишеме дека Гоце Делчев е Французин“: Твитер за датумот, Макрон и ЕУ

Можен ли е пресврт во 5 до 12 за Македонија на ЕУ самитот: Германците знаат да играат до последната секунда

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

“Браќа и сестри, престанете“: Папата Франциск бара мир во Израел и Газа

Редакција

Седиштето на бугарскиот клуб во Охрид веднаш до куќата каде Колишевски е осуден на смрт

Редакција

(Фото) Делчевец со телесен инвалидитет заработил паркинг казна во Скопје и покрај уредно платено паркирање

Редакција