еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Анализа на професор Трајковски: Вакцинираните во Македонија се разболувале 2,86 пати поретко од невакцинираните

Ви ја пренесуваме последната анализа на професорот Дејан Трајковски, кој редовно прави пресметки за состојбата со Ковид-19 во Македонија.

“Штом ни даваат оскудни, одвај употребливи податоци, мораме да се снаоѓаме и да го решаваме ребусот со вкрстување разни податоци.

Заклучно со 06.08.2021 во Македонија од 416.614 вакцинирани со две дози од корона вирус се разболеле 167 лица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од 416.614 вакцинирани со две дози со Ковид-19 се заразиле 167 лица, 11 биле хоспитализирани

Тоа малку ли е или многу? Властите даваат една бесмислена пресметка, каде го делат бројот на заразени (167) со бројот на вакцинирани (416.614) и добиваат некаков процент (0,04%), којшто апсолутно ништо не кажува.

Барем да го додадеа зборот „засега“ пред „се разболеа“, затоа што луѓето се вакцинираат само еднаш, а потоа со текот на времето бројот на заболени меѓу нив само расте, односно не останува константен. Така тоа не се прави, само го покажуваат своето незнаење.

Вистинскиот начин е да се даде инциденцата на заболените меѓу вакцинираните во број на заболени по човек-денови. Потоа се пресметува инциденца на заболените кај невакцинираните, се пресметува сооднос на ризиците и на крај ефикасноста на вакцините.

Бидејќи пред 90 дена имало само 23.862 вакцинирани со две дози, а на 06.08.2021 имало 416.614, јасно е дека првите вакцинирани подолго биле изложени на ризик, а последните вакцинирани – само еден ден.

За да ја пресметаме инциденцата, го делиме бројот на заболени (167) со делител, којшто претставува сума на производите на дневно вакцинираните со втора доза и бројот на денови од дадениот ден до 06.08.2021. Овој делител кај вакцинираните изнесува 17.144.447 човек-денови, па инциденцата изнесува 1.000.000*167/17.144.447 = 9,7 заболени на милион луѓе дневно.

Патем наоѓаме дека просечното време од втората доза до 06.08.2021 изнесувало 17.144.447/416.614 = 41,2 дена.

Истата пресметка ја спроведуваме за невакцинираните, при што ќе започнеме со 1.500.000 (бројот на возрасни жители) пред 90 дена, чиј број на 06.08.2021 се намалил на 1.500.000-416.614 = 1.083.386.

Делителот за инциденцата кај невакцинираните изнесува 116.355.553. Бројот на заболени кај невакцинираните од 09.05.2021 до 06.08.2021 изнесува 157.627-154.221-167 = 3.239, што е деленикот за инциденцата.

Така добиваме дека инциденцата кај невакцинираните изнесувала просечно 1.000.000*3.239/116.355.553 = 27,8 заболени на милион луѓе дневно.

Знаејќи ги двете инциденци, го наоѓаме соодносот на ризици:

RR = 9,7/27,9 = 0,35.

Поинаку кажано, невакцинираните, заедно со вакцинираните со една доза се разболувале просечно 1/0,35 = 2,86 пати почесто од целосно вакцинираните.

Ефикасноста на вакцините (намалувањето на ризикот) тогаш изнесува:

VE = 1-RR = 1-0,35 = 0,65 = 65%.

Оваа вредност е полоша отколку пред десетина дена (со 92 заболени од целосно вакцинираните), кога добивме ефикасност од 72%. Со текот на времето, како што ќе се зголемува просечното време од втората доза, така овој процент ќе намалува, односно ефикасноста ќе се влошува.

Забелешка: пресметките се вршени со претпоставен број на возрасно население од 1.500.000 жители. Доколку во државата живеат значително помалку жители (според директорот на Државниот завод за статистика само 1.500.000, од кои 1.200.000 возрасни), тогаш ефикасноста би изнесувала 73%.

Само ваквата пресметка кажува нешто конкретно, дека вакцинираните се разболувале 2,86 пати поретко од невакцинираните, а оние 0,04% што ги споменуваат не значат практично ништо. Дали е намалувањето на ризикот мало или големо – нека процени секој за себе.

Понатаму, во пресметката е претпоставено дека се вакцинирале подеднакво прележани и непрележани, односно кај вакцинираните и невакцинираните е подеднаква пропорцијата на прележани.

Под оваа претпоставка, вака пресметаната ефикасност би одговарала на ефикасноста кај целосно непрележани. Но, вака имаме дополнителна предност што ја гледаме ефикасноста во дадениот миг, во дадените реални услови. Патем, поголема грешка внесува неизвесниот број на жители во државата отколку самата прележаност.

Кога сите би се вакцинирале, иако не би бил постигнат колективен вакцинален имунитет, дневните бројки на нови случаи би биле драстично намалени. Кај тешките случаи и починатите би имало уште поголемо намалување како што гледаме во Велика Британија, на пример.

Затоа можеме да кажеме дека главниот проблем кај нас е одбивањето вакцинација, далеку поголем од несовршеноста на вакцините. Таа би дошла до израз дури при висок опфат со вакцинација, над 60%“, пишува тој на Фејсбук.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нема доволно имунитет со прележан Ковид-19 или со една доза вакцина, порачува Филипче

Професор Трајковски објаснува каков ќе биде новиот бран на Ковид-19

Проф. Трајковски: Во Македонија е можен колективен имунитет само на источноазиски начин

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починаа 26 лица од Ковид-19, вкупната бројка достигна 2.147

Редакција

Ќе се формира оперативен тим за сајбер безбедност и хибридни закани, одлучи Советот за координација по честите дојави за бомби

Редакција

(Фото) Среќен татко: Ќерката на премиерот матурантка, Заев објави фотографија од Александра како бебе

Редакција