Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за труд и социјална политика денеска, по повод Меѓународниот ден на жената, објавија анализа, поддржана од Мисијата, за влијанието на пандемијата Ковид-19 врз родот и различностите.
Анализата покажува дека пандемијата и одговорот на истата имале несразмерно поголемо негативно влијание врз жените во сите области и кај сите возрасни групи.
Според студијата, како што соопшти Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по затворањето на училиштата и градинките, веројатноста мајките да ја преземат улогата на главна негувателка е 70 проценти поголема отколку кај татковците.
„Доколку не биде соодветно адресирана од насочени владини политики, кризата создадена од пандемијата Ковид-19 дополнително може да ги зголеми нееднаквоста, исклучувањето и дискриминацијата.
Жените општо и ранливите групи како што се Ромите, самохраните мајки, лицата со попреченост и особено руралните жени се најпогодени, рече Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за време на онлајн настанот.
Пандемијата, според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, не беше пречка, напротив беше предизвик, да се донесат два клучни закони кои во голем дел ја тангираат токму жената, односно Законот за спречување и заштита од дискриминација и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство.
„Ова е доказ дека жените се најмоќни кога се сплотени. Останува уште многу да се работи, и во полето на елиминирање на дискриминацијата на пазарот на трудот и обезбедување на родово-одговорното буџетирање, но пред сè е предизвикот да се избориме со пандемијата и да се прилагодуваме на новото нормално, рече Шахпаска.
Анализата, достапна на osce.or е развиена заедно со Центарот за истражување и креирање политики и граѓанските организации Радар, Полио Плус, Рурална коалиција и Националната мрежа против насилството врз жените и семејно насилство.
Фото: Photo by Standsome Worklifestyle on Unsplash