Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во коментар на новата блокада од Бугарија за евроинтеграциите на државава, оценува дека барањата на нашиот источен сосед се резултат на авантуристичката политика која ја има нашата Влада во изминативе години. Треба, порача Мицкоски, да покажете став и да се држите до црвените линии.
-Владата предводена од Зоран Заев и СДСМ сериозно го загрози евроинтеграцискиот процес на Македонија со авантуристичката политика која ја води во дипломатијата и за жал се наоѓаме сега во оваа ситуација.
Народот ова не го заслужува, туку заслужи да се отпочнат преговори со ЕУ, бидејќи само тоа е начинот да докажеме дека сме компетативни и дека заслужуваме место на иста маса рамноправно со земјите од ЕУ, изјави Мицкоски при посетата на Општина Градско, одговарајќи на новинарско прашање.
Националните отстапки кои се на понуда од Заев и Владата, додаде Мицкоски, немаат крај, бидејќи и барањата на нашиот источен сосед исто така се големи и практично се резултат на авантуристичката политика која ја има нашата влада изминативе години.
– Сега има нови предлози за преговори од 6 месеци, нови разговори на ниво на комисии, но никој не ја кажува вистината, а вистината откако поинаку беше протолкувано на новиот бугарски премиер ја кажаа неколку бугарски политичари меѓу кои Џамбаски, кој е најголем македономразац на Балканот и тие кажаа што лежи позади блокадата.
Тоа е дека ја сметаат Македонија за втора бугарска земја и дека се додека не биде делумно или целосно усвоена бугарската резолуција ние нема да добиеме можност да почнеме преговори со ЕУ, рече Мицкоски.
Се останато, дополни, е авантуризам и нарушување на преговарачките позиции, колку повеќе „коленичат„ Заев и Османи, толку поголеми ќе бидат барањата на нашиот источен сосед.
– Не е европска вредност и дипломатија ако коленичите, туку треба да покажете став и да се држите до црвените линии. Треба да работите и дома да има ниско ниво на криминал, а не да ви фаќаат по еден тон дрога како се шверцува, да може да има инвестиции, економија која оди напред, компетативно образование, реформиран здравствен систем, нагласи Мицкоски.
Во одговор на прашање за воведување една изборна единица истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да разговара за демократијата и демократските процеси во земјата вклучувајќи ја и темата за изборниот модел. Политичките партии, посочува, треба да покажат определен квалитет.
-Слушнав дека неколку пратеници гласно зборуваат за реформа во изборниот модел и ние сме тука, подготвени сме да разговараме, да го видиме тоа на маса, да видиме која е замислата, една, три, да остане истиот модел, со цензус, колкав би бил тој цензус и така натаму, има некаков изборен праг, бидејќи знаете демократијата нема да добие ако поединци влезат во Парламентот и пратеничкото столче го користат како што бевме сега скоро сведоци за еден таков пратеник за себе пазарење и за непринципиелни прифаќања на понуди кои што се случија изминатиот период би рекол и години, започнувајќи со онаа трговија за време на уставните измени.
Така што, да покажат треба политичките партии некој определен квалитет, да има определен праг, подготвени сме да разговараме зошто да не, нагласи Мицкоски.
МИА/Фото: ВМРО-ДПМНЕ