Дополнителните антикризни мерки може да се очекуваат од ноември, а до крајот на овој месец би требало да бидат и дефинирани, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Како што информира Бектеши, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Глобус“, на креирање на мерките се работи интензивно. Тој е запознаен, рече, со некои од предлозите, но кои мерки ќе се донесат, ќе биде договорено во рамки на разговорите, заедно со стопанските комори и со сите останати засегнати страни.
Бектеши изрази благодарност до стопанството, посебно до домашните производители, „кои доброволно, во одредени моменти, ги намалуваат цените“.
Според министерот, сите податоци покажуваат дека цените во малопродажбата се намалуваат, особено оние опфатени со владината одлука, а има податоци и дека и се намалуваат цени и од другите категории производи.
„Во однос на новите, дополнителни мерки, драфтовите се веќе речиси при крај. Разговараме заедно со стопанските комори и со сите други засегнати страни и најверојатно до крајот на месецот јавноста ќе биде известена во делот на тоа како би изгледале сите антикризни мерки до крајот на оваа година,“ дополни Бектеши.
МИА/Фото: Unsplash