Денеска продолжи судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ во кој се обвинети Бојан Јовановски-Боки 13, Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.
На денешното рочиште Боки-13 изјави дека проектите за старечки домови, кои според обвинителството се фиктивни, всушност се реални, со договори потпишани и донесени на собрание на невладината Mеѓународен сојуз.
Тој рече дека парите кои се уплатувани кај Лилјана Тодоровска и Јасна Мандиќ се за авторски права за идејно решение, дека е се легално и дека е платен и данок.
„Ние, всушност, функциониравме како министерство за социјала, згрижувавме деца… и сега некој мојата хуманост ќе ја доведува во прашање? Никогаш не сме злоупотребиле буџет на Македонија, а парите кои подоцна се уплаќани на 1ТВ се легални“, рече Јовановски.
Тој тврди дека немал никаков договор кој го потпишал за да обезбеди градежно земјиште со бизнисмени и дека во овој случај се работи за интерес на бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзовски, а не постои ни „и” од измама.
„Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски ниту се мали деца, ниту деловни неспособни за да бидат измамени. На 15 јули минатата година, дента кога бев уапсен кога тргнав на одмор, разговорав со Мицевски.
Ми рече – Бојанче нека ти е среќен пат на одмор, ќе се видиме кога ќе се вратиш. Замислете, човек што си го измамил да ти посакува убаво да си поминеш на одмор“, рече Јовановски.
Тој зборуваше и за пензионерката Лилјана Тодоровска, која е автор на проектот за старечки домови и на која Мицевски и исплатил околу 720.000 евра, за кои обвинителството тврди дека на крајот завршиле кај Боки-13.
Но, Јовановски тврди дека парите не завршиле кај него, и дека има фотографии кои ќе бидат решавачки за предметот, за што побара од судот вештачење на мобилниот телефон.
Судскиот процес го води судијката Софче Гаврилова-Ефремова, а застапник на обвинението е Вилма Рускоска.
Според обвинението, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски, дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски, за што ги оштетиле со повеќе од милион евра.
Јовановски, како прв човек на организацијата Меѓународен сојуз, во предметот е првообвинет за кривичните дела перење пари и за измама, а Ременски е третообвинета за помагање во делото измама.
Ерцеговиќ-Мандиќ како заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, и асистентката Блажевска, пак, се обвинети за помагање во двете дела.
Таткото на Боки, Миле Јовановски, се товари за помагање во перењето пари, како и за незаконско изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола.
Мета/Фото: МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Боки 13: Мила Царовска ја донесе Лилјана Тодоровска, имав подршка и од Заев и Спасовски
Вицепремиерката Царовска ќе го тужи Боки-13 за клевета
Рускоска: Парите од „Меѓународен сојуз“ завршиле во куќата на родителите на Боки-13