еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Болничарката со конго-кримска хеморагична треска засега во стабилна состојба, 11 лица со кои контактирала под 14 дневен надзор

Болничарката со конго-кримска хеморагична треска засега е во стабилна состојба. Самата болест има своја еволуција, така што првите денови не се така лоши, меѓутоа после се влошува состојбата и затоа добро се следат сите параметри кај пациентката, изјави денеска во изјава за медиумите, доктор Добринка Наунова Јовановска од јавната здравствена установа Универзитетска клиника за инфективни болести.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вработен на Инфективна позитивен на конго-кримска хеморагична треска и е хоспитализиран

Таа беше прашана дали се знае како болничарката се заразила, имајќи предвид дека сепак е од Инфективна клиника, каде што секогаш се носи заштитна облека без разлика за какво заболување станува збор.

– Точно дека ние како инфектолози баш сме добро упатени какви сѐ заштити се носат, посебно кај вакви болести, независно што додека добивме дијагноза се работеше со пациентката. Значи, не е битно што е конгоанска, туку е пациент во тешка состојба. Како, како е можно?

Шансите се многу мали, но, со оглед дека пациентката има ненормално големи количини на секрет, крварење и така натаму, тие се тие заразните содржини кои би можеле да бидат пренесени. Но и покрај заштитата која ја имаме ние, сега можеби директно додека болничарката работела со пациентката била заштитена, но, потоа кога симнува ракавици, или маската, или облеката, можно е нешто да прсне во слузницата во очите и да се заразила.

Значи, сѐ е можно, кога постои така голема количина на заразен материјал е можно да дојде до заразување и затоа треба многу, многу да се внимава, одговори Наунова Јовановска.

Таа нагласи дека пациентката сега засега е во стабилна состојба, параметрите се следат континуирано да не дојде до некое влошување.

– Овој ѝ е веќе петти ден како е болна, но се следи постојано за да не дојде до некои влошувања. Затоа што, кај оваа конкретно болест е многу важна таа супортивна терапија, заменска терапија да се надокнадува сѐ што се губи итн. Така што, пациентката сега засега се надеваме дека ќе остане во стабилна состојба, но, тоа ќе видиме деновиве, појасни Наунова Јовановска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кои се симптомите на конго-кримска хеморагична треска

На новинарско прашање дали нема тешки симптоми, односно нема нарушување на хемостазата, Наунова Јовановска одговори дека самата болест има своја еволуција, „така што првите денови не се така лоши, меѓутоа после се влошува состојбата и затоа добро се следат сите параметри кај пациентката за да може да се интервенира во одредени ситуации“.

– Сега засега нема крварења, но, се следи, подвлече Наунова Јовановска.

Таа беше прашана и дали болничарката доаѓала на работа и дали останатите, кои се под здравствен надзор треба да доаѓаат на работни места.

– Сите што биле во контакт со претходната пациентка се под надзор. Значи, се следат сите параметри и досега треба да се под надозор 29 лица од првиот контакт од првата пациентка, меѓутоа за ден – два веќе им истекува надзорот на тие лица.

Од новиот контакт со новата пациентка, 11 се под надзор и тие се следат. Да се разбереме, значи пренесувањето на инфекцијата не настанува од обичен ваков разговор, туку треба секрети, крв и така натаму, за да се пренесе.

Тоа не е битно дали ќе дојде на работа, дали ние ќе разговараме или не, туку дали ќе се развие болеста и ќе имаме извор на зараза за да се пренесе на некого. Болничарката, мислам, била трета смена ноќта кога ја негувала пациентката, додаде Наунова Јовановска.

Таа појасни дека надзорот подразбира да се следи температура, каков било симптом доколку се јави и веднаш да се направат испитувања.

– За да се пренесе инфекцијата не е потребно еден разговор како што беше со ковидот, туку треба материјал за да се пренесе на одредено лице, истакна Наунова Јовановска.

Единаесет лица контакти на хоспитализираната вработена на Инфективна под 14 дневен надзор

Единаесет лица контакти на хоспитализираната вработена на Инфективна се ставени под 14 дневен надзор, откако кај неа беше констатирана конго-кримска хеморагична треска, информираше денеска Рената Младеновска, директор на Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

– По добиена информација од страна на Институтот за јавно здравје, веднаш истиот ден на петти август, екипа на епидемиолози од Центар за јавно здравје – Скопје изврши епидемиолошки увид, земени се анкети и контакти.

Информацијата е споделена со ДСЗИ и ние како институција издадовме уште 11 решенија, односно тоа се контакти на веќе хоспитализираната пациентка која што е и вработена на Клиниката за инфективни болести. Тие 11 контакти ќе бидат под 14-дневен здравствен надзор, соопшти Младеновска.

Таа појасни што подразбира здравствениот надзор.

– Пациентката односно контактите ќе треба да се јавуваат и да бидат во постојан контакт со дежурниот епидемиолог од Центар за јавно здравје – Скопје, да бидат, тоа не е изолација класична, меѓутоа не треба да имаат контакт со останатите – дали е потесното семејство, едноставно да издржат овие 14 дена да не се прошири оваа зараза и јас се надевам дека ова ќе биде и последниот случај.

Што се однесува до претходните 29 контакти, од тие 29 контакти една се потврди како случај, вкупно имаме здравствен надзор, издадено решенија за 40 луѓе, рече Младеновска.

Запрашана дали овие 11 се сите од Инфективна или од семејството, појасни дека од овие 11, десет луѓе се од потесното семејство на пациентката и еден контакт е колешка нејзина исто така од Клиниката за инфективни болести.

Во првиот случај со директно заразување, почина 27 годишна пациентка, по инфекција со каснување од крлеж.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Без паника, не очекуваме повеќе случаи на конго-кримска хеморагична треска во блиска иднина, вели Мехмедовиќ

МИА/Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) МВР во Скопје откри лабараторија за марихуана, уапсени 4 лица

Редакција

Дали криптовалутите се депозити и зошто вложувањето во нив се смета за високоризично?

Редакција

Дури 455.100 македонски граѓани живеат во сиромаштија

Редакција