По успешната 2021 година кога компанијата забележа раст од над 50 отсто во споредба со претходната година, се вработија повеќе од 150 нови лица, „Брако“ и во 2022 година најавува интензивен раст на приходите и зголемување на бројот на вработени, информираат од компанијата.
Извршниот директор на „Брако“, проф. д-р Кочо Анѓушев вели, очекувањата за 2022 година за фабриката во Велес е да се продолжи со засилено темпо на инвестиции, иновации и развој на производи кои би резултирале со раст од 35 отсто и отворање на нови работни места пред се’ за високо стручни кадри.
И во услови на турбулентни години за бизнисот предизвикани од ковид-пандемијата, благодарение на храбрите одлуки на менаџментот, „Брако“ го зголеми уделот на пазарот и ги зголеми приходите, велат од компанијата.
Кризата беше проблем, бараше многу повеќе работа, но, морам да кажам беше и можност, истакна неодамна во интервју за МИА, Анѓушев.
„Беше можност заради тоа што многу голем дел од нашата конкуренција ги затвори пазарите, ги затвори производните програми. „Брако“ никогаш не затвори. Значи, и покрај тоа што пазарот генерално се намали, бидејќи доста производни капацитети ги затворија своите погони, „Брако“ го зголеми уделот во пазарот и порасна во 2021 година за 50 проценти во споредба со 2020 година, а во 2020 година не се намали.
„Брако“ во 2021 се справи успешно. Вработи 150 нови вработени и го зголеми прометот за 50 проценти благодарение на агресивниот пристап, на инвестициите во нови технологии во новиот бренд Green Machines, во развој на новите возила и за следната година имаме исто таков план да пораснеме уште 35 проценти“, истакнува Анѓушев во интервјуто.
Компанијата во моментов е во инвестициски циклус вреден околу 9 милиони евра за изградба на нови современи погони и набавка на софистицирана опрема.
Како што истакнува Анѓушев во интервјуто, нашата држава во индустријата нема друга шанса освен да инвестира висока технологија.
„Брако“ има највисока технологија, најсовремени машини како CNC машини, роботи за заварување, плазма и ласери за сечење на материјали итн., и тоа ја прави компанијата конкурентна не само во однос на фирмите во регионот туку и низ целиот свет, велат од компанијата.